Иванов во Дебар: Со нова програма барам нова доверба

Во овие 5 години често ве посетував во Дебар. Доаѓавме на празници, за Велигден, за Рамазан, на Ифтар. Доаѓавме да видиме како напредувате, како успевате во животот. Но бев тука и кога се случи свлечиштето и кога заедно со Армијата помогнавме да расчисти патот.

Ова го истакна кандидатот за претседател на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов, на митингот во Дебар.

-Во дебраско дојдов да помогнам и кога граѓаните од Косоврасти се соочија со проблем. Преку проектот „Спортски бонтон“, ги донесовме тука младите од многу места од Македонија, да го видат соживотот во Дебар. Заедно со учениците од Дебар да учат, да се запознаваат меѓу себе. Заедно бевме и во Џамијата и во црквата. Дебар е познат по својот соживот. Традиција од нашите предци, која треба да ја сочуваме за нашите потомци. Затоа често доаѓав во Дебар. Но доаѓав и затоа што пред 5 години дадовте многу повеќе гласови за мене, отколку за кандидатот на опозицијата. Верувам дека тоа ќе се случи и сега.

Иванов од дебарчани повторно ја побара довербата за втор претседателски мандат.

-За овие 5 години, бев во многу светските метрополи. Повеќе од 100 официјални и работни средби на други држави, средби со други државници. Но, ги пречекував и странските државници, пријатели и поддржувачи на Македонија. Повеќе од 40 официјали и работни посети на претседатели на други држави на Македонија. Но, остварив и многу средби со македонските иселеници, од кои многумина се токму од Дебар. Луѓето, без разлика дали се Македонци, Албанци, или Турци, секогаш пројавуваат желба за својот роден крај, прашуваат како можат да помогнат. Нив ќе ги гледаме многу почесто во иднина. Затоа што Дебар е дел од програмата на Владата, со цел во Дебар да се создадат услови за подобар живот. Повеќе вработување за младите, поквалитетно образование за младите, спокојна старост за пензионерите, субвенции за земјоделците и за сточарите. Секој да почувствува дека нешто во Македонија се менува.

Истакна дека се` се менува затоа што економијата во Република Македонија расте, а тоа е бидејќи се работело како тим, посветено, вредно и со љубов.

-И се што е во нашите програми се е и во отчетот. За се што сме сработиле, даваме отчет. Сега, со нова програма доаѓам за нова доверба. Доверба од вас. Да бидам вашиот глас. Сето она што го чувствуваат граѓаните на Македонија, да знам како да го пренесам на местата каде што се зборува за Македонија. Каде се креира иднината на Македонија. Македонија во Европа, но и Европа во Македонија. Покажавме дека и во услови на најголема криза од 2008 година, кога се работи тимски, кога работат заедно Претседателот, Премиерот, министрите, градоначалниците, може да се менува Македонија. Да се менува на добро. И затоа доаѓаат големи инфраструктурни зафати, како што е и автопатот Кичево-Охрид, каде ќе се отворат работни места за многу луѓе. Исто така, се развиваат сите регионални проекти. Насекаде низ Македонија се градат фабрики, се отвораат нови работни места. Тоа е новиот лик на Македонија.

Иванов вети дека доколку ја добие довербата на дебарчани, повторно често ќе ги посетувам и ќе го промовира нивниот соживотот.

-Ќе ја промовирам меѓуетничката и меѓурелигиската соработка, која со векови трае и опстојува во Дебар. По тоа е Дебар препознатлив, и по тоа ќе остане.

 

 

08.04.2014 - 00:12

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега