Македонија го одбележа Денот на НАТО

Република Македонија ги споделува и ги промовира истите вредности и интереси со земјите-членки на Алијансата, а на членството во НАТО се гледа како на суштински предуслов за зголемување на безбедноста и стабилноста, што, пак, позитивно ќе влијае и врз деловната клима, економскиот раст, развојот и благосостојбата на нашите граѓани. Тоа денес во Домот на АРМ го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, по повод одбележувањето на 4-ти април, „Денот на НАТО“.

Во своето обраќање министерот Џафери посочи дека нашата држава уште од 2008 година е подготвена за преземање на обврските и одговорностите кои произлегуваат од членството во НАТО, додека воедно додаде дека нашата држава и понатаму продолжува со реформските зафати во одбраната, споменувајќи ја трансформацијата на Армијата, како и постојаното вложување во развојот и јакнењето на регионалната соработка.

Во контекст на придонесот на Република Македонија кон меѓународниот мир и безбедност, министерот Џафери рече дека во изминатата деценија нашата држава се докажа како значаен придонесувач кон мирот, безбедноста и стабилноста во евроатлантската област и пошироко. „Од 2002 година над 3.300 војници од Армијата учествувале во меѓународните операции, а во моментов имаме распоредено 165 ’амбасадори на мирот’ во три меѓународни операции предводени од ООН, НАТО и ЕУ, додека континуирано даваме и логистичка поддршка на силите на КФОР на Косово“, истакна министерот пред присутните. Нашата земја, додаде тој, останува посветена на понатамошниот придонес во новата мисија „Одлучна поддршка“ по 2014 година, согласно потребите на Алијансата, како и капацитетите на Република Македонија.

НАТО-алијансата, заклучи министерот Џафери, од своето основање до денес се покажа и докажа како демократска алатка и вистински безбедносен промотор на споделените заеднички цивилизациски и демократски вредности на мирот, стабилноста, безбедноста и на благосостојбата на граѓаните, не само на земјите-членки туку и пошироко во евроатлантската област.

Шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, полковникот Александар Александров, по повод денот на Алијансата рече дека токму неодамнешната посета на премиерот на Република Македонија на седиштето на Алијансата во Брисел беше уште една потврда на заложбите на нашата држава кон целосна евроатлантска интеграција. Дополнително, полковникот Александров се осврна и на сето она што НАТО значи, во светски рамки.

 

Заблагодарувајќи му се на Министерството за одбрана и на Канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија, претседателот на Евроатлантскиот совет на Македонија, Исмет Рамадани, посочи дека интеграцијата во оваа алијанса, процес за кој целосно ги имаме исполнето критериумите уште во 2008 година, за нас како држава, е клучна. Претседателот на ЕАСМ, Рамадани, додаде дека во современиот свет на непредвидливост, со големи ризици и опасности, НАТО останува витален извор на стабилност и безбедност. 

Настанот ко-организиран од Министерството за одбрана и Евроатлантскиот совет на Македонија, има за цел одбележување на Денот на НАТО, промоција на историјата, вредностите и целите на Алијансата, како и истакнување на значењето на евроатлантските интеграции за Република Македонија. Денот на НАТО традиционално се одбележува во сите земји-членки на Алијансата, како и во земјите-партнери. На овој ден 1949 година, 12 земји, во Вашингтон (САД) го потпишале Договорот со кој се конституира Северноатлантската алијанса.

 

 

04.04.2014 - 15:05

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега