Иванов: За еден народ работиме, народот на Македонија
Претседателот на Република Македонија и кандидат за истата функција, Ѓорѓе Иванов вечерва побара поддршка од струмичани, сограѓаните на покојниот Борис Трајковски.
Тој им се заблагодари што пред 5 години гласаа за него и му дадоа поголема поддршка од на неговиот противкандидат од опозицијата.
-Таа поддршка ја преточив во мојата програма за која што дадов отчет. Отчет за сработеното. Се што беше кажано се беше исполнето. И повеќе од тоа. Имајќи ја вашата доверба достоинствено ја претставував Македонија секаде каде што одев. Се среќавав со стотина државници во светот, но секогаш ја користев можноста да бидам и со граѓаните на Македонија.Посетивме многу места со Тимот за Македонија. И секаде гледаме дека Македонија се гради. Се градат автопатишта низ Македонија. Се градат фабрики низ Македонија. Економскиот раст овозможува Македонија да расте во височина. Да градиме највисоки стандарди, највисоки принципи да ја градиме Европа во Македонија. Нашиот јужен сосед за жал, не блокира. Од таа блокада излезе нашата потреба да ја градиме Европа во Македонија. Но не се откажуваме. Затоа и добивме 5 извештаи, 5 препораки за почеток на преговорите. Тие не блокираат затоа што сакаат да се откажеме од сопствениот идентитет. Но не потклекнавме. И нема да потклекнеме. Не знам за моите противкандидати, но јас имам јасен став. Нема да прифатам промена на Уставот, со цел промена на уставното име. Нема да прифатам идеи, или предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Нема да дозволиме Република Македонија и македонските граѓани да бидат обезличени. Македонските граѓани сами одлучуваат за своите клучни национални прашања. Никој, освен македонските граѓани нема право да одлучува за името на нашата татковина Македонија. Никој освен македонските граѓани нема право да одлучува за иднината на Македонија. За секое решение ќе се изјаснат македонските граѓани на референдум, порача Иванов.
Тој порача дека македонскиот народ со години го поддржува сето она што е добро за Македонија, па затоа нашата земја не само што е успешна, туку е и призната, почитувана
-Да ги потсетиме оние што забораваат – еден народ сме. За еден народ работиме, народот на Македонија. Работиме за сите граѓани, за секој град, за секое село во Република Македонија.Нашиот народот вели: Слогата куќа гради. Нашата куќа, нашиот дом се вика Македонија. Сите сме должни да ја чуваме и да ја градиме, бидејќи каква Македонија градиме, таква ќе ја имаме. Македонија се гради посветено и сложно. Македонија се гради заедно за да можат нашите деца заедно да другаруваат, да живеат, да работат, да формираат семејства и да напредуваат. Заедно ги браниме државните интереси и ја создаваме нашата иднина. Заедно, и сплотени сме посилни како народ и како држава! Тоа што го зборувам тоа и го правиме. Работевме овие 5 години тимски. Работевме како тим и јас и премиерот, и Владата, и министрите и пратениците, и советниците и грдоначалниците. Затоа е евидентен успехот и просперитетот на Македонија. Покажавме дека Македонија е зрела држава. Носиме сопствени одлуки кои ги бараат граѓаните на Република Македонија. Не сме мали за големи успеси! Успеси, кои ги постигнуваме на секое поле, и во дипломатијата, и во економијата, и во земјоделието и во с инфраструктурата, и во спортот, и во културата. Затоа, како Претседател на Република Македонија, остварив преку 100 посети на други држави. Бев на многу меѓународни настани, секаде бев Вашиот глас. Секогаш го кажував што Вие го мислите за Македонија. Не дозволив и нема да дозволам да се зборува за нас, без нас. Не дозволив и нема да дозволам да се одлучува за нас, без нас. Затоа извојувавме голема правна и морална победа со пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Обезбедивме визна либерализација за нашите граѓани . обивме 5 позитивни извештаи и 5 препораки за почеток на преговорите за членство во Европската унија. Кажав и повторно ќе кажам – не прифаќам никаков извештај за Македонија од ниту една меѓународна организација во кој не се почитува македонскиот идентитет, порача Иванов во Струмица.
Пред струмичани потсети дека водеше политика на отвореност, дијалог и соработка со сите соседите. Вети дека доколку добие уште еден мандат ќе продолжи со посветената работа. Струмица како пограничен регион, посочи, знае колку е од интерес да негуваме добри односи со сите наши соседи.
-Постигнавме успеси во економијата. Привлековме речиси 2 милијарди странски инвестиции и тоа во период кога беше голема економска риза. Во такви услови во Македонија дојдоа странските инвеститори, затоа што неуморниот тим предводен до Груевски направи реформи.Во многу области се создадоа најповолни услови за инвестирање. Затоа доаѓаат странски инвеститори. Тие први инвестиции донесоа нови инвестиции. Затоа се отвораат нови работни места во Македонија. Денес политиката не се мери по убави зборови, по убави говори, празни ветувања. Политиката се мери по бројот на отворени работни места. По тоа не почитуваа граѓаните.Учествував во многу проекти. Давав политичка поддршка за многу проекти на Владата. Затоа што е тоа во интерес на сите нас. Затоа што тоа е од интерес на граѓаните. Ќе продолжам истото да го правам. Каде што одев со моите делегации, доаѓаа бизнисмени и претприемачи. Им помагав на многу бизнисмени да стапат во контакт со странски амбасадори. И тука во Струмица и струмичко носев амбасадори за да ги запознаат со потенцијалите на нашиот крај. Ќе продолжам тоа да го правам. Имаме успеси и во земјоделието. Затоа што секој од нас знае колку е тешко да се успее во животот обработувајќи земја. 500 милиони евра до сега се издвоени за земјоделието. Ги промовиравме потенцијалите на Македонија. Промовиравме производи од Македонија. Тие производи секаде се препознатливи. Се инвестира и во инфраструктурата. Работиме на коридорите 8 и 10. Работиме на поврзување на Македонија за да можат полесно да доаѓаат странските инвеститори и странските компании, рече Иванов.
Тој посочи дека ја почитува религиозната толеранција која постои во Струмица и струмичко и затоа наоѓал време да оди кај православните христијани, кај Католиците, кај Евангелистите, во цркви, џамии, ифтари и на Ханука кај Евреите.
-Тоа беше моето мото, еден за сите. Затоа бев присутен кај сите, да ги охрабрувам, да се верува, затоа што има многу религии, но има една вера – вера во бога. И затоа Струмичани успеваат. Секој што верува успева. И ние веруваме во успехот на Македонија. Веруваме дека Македонија ќе биде во Европа. Веруваме дека создаваме држава и економија која што создаваат работни места. Веруваме дека Македонија е дом во кој се гради благосостојбата на сите. Знаеме тоа како да го постигнеме. Знаеме тоа како се постигнува. И затоа ја добиваме Вашата доверба. И затоа даваме отчет. И затоа имаме чист образ и исправена глава пред Вас, заврши Иванов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа