Иванов во Росоман: Државата вистински го вреднува трудот на земјоделците

 

И јас самиот доаѓам од земјоделски крај, од Валандово. Сме живееле од напорен труд, од земјата. Никогаш нема да заборавам колку е напорно, но и  благородно да се живее од земјоделството.

2009 година станав претседател и се среќавав и со претседатели, премиери, државници, но ја користев секоја можност да се сретнам и со моите сограѓани.

Во мојот кабинет примив преку 5000 граѓани. Кабинетот беше отворен за многу луѓе. Ги слушав, разговарав со нив. Имаше многумина што бараа помош. Се трудев да им помогнам во рамките на моите надлежности.

Но, не останав во кабинетот. Независно дали се работи за град или за село,  културен настан или манифестација на општината, секогаш бев со моите сограѓани. Да бидеш прифатен од сопствениот народ како еден за сите, за мене претставува чест и привилегија.

Неодамна го посетив и Росоман. Така најнепосредно дознавав за проблемите и за потребите на граѓаните.

Ја исполнив програмата за која ја добив вашата доверба во 2009 година. Реализирав и повеќе од тоа што беше предвидено.

Во мојот отчет го претставив сработеното во текот на мандатот.

Денес, повторно сум меѓу вас и со чист образ повторно ја барам вашата доверба за да продолжам со иста посветеност, чесност и искреност да работам за Македонија, заедно со вас.

Почитувани сограѓани,

Знам колку сте посветени на земјата. Кога и да посетам земјоделски краишта, секогаш наоѓам трудољубиви и чесни луѓе. Луѓе-работници, кои со свои раце го печалат својот леб.

Македонија е земјоделска земја. Државата вистински го вреднува трудот на земјоделците. Од 2006 година досега се исплатени 550 милиони евра субвенции на земјоделците. Годинава веќе се исплатени околу 70 милиони евра субвенции на лозарите, сточарите, овоштарите и други, а до крајот на годината ќе се исплатат уште 140 милиони евра. Инвестирањето ќе продолжи за да се отворат многу нови работни места.

 

За да се развие винската индустрија и винскиот туризам, во општина Росоман се понудени на продажба градежни парцели. Тоа долгорочно ќе значи нови работни места за граѓаните од Росоман.

Вашите земјоделски производи, грозјето, праската, треба лесно и брзо да ги пласирате на пазарите низ Македонија и на европските пазари. Отвораме нови пазари за пласман на сè она што раѓа земјата од Росоман. Истовремено треба да се инвестира во преработувачки капацитети за да се зголеми вредноста на вашиот труд. Затоа се инвестира во инфраструктурата. Се градат, се обновуваат и се прошируваат патиштата.

Обновени се пет локални патишта што го поврзуваат Росоман со околните села.

Наскоро ќе почне изградбата на современ пат од Градско преку Росоман и Дреново до Прилеп и Битола.

Почитувани сограѓани,

Еден од главните столбови на мојата програма е создавање нови работни места. Каде и да одам, ќе продолжам да работам на привлекување странски инвестиции во Македонија. Резултатите од досега направеното се видливи.

Отворени се 120.000 работни места во Македонија. Тоа е голем успех за нашата економија. Но, не запираме. Наша цел е да се отвораат уште повеќе нови работни места. Луѓето да работат, да заработуваат пристојна плата и да си ја планираат иднината на децата.

Сево ова се конкретни проекти и конкретни остварени цели.

Највисока цел е економски раст и развој на Македонија.

Почитувани сограѓани,

Каде и да одев, ја промовирав македонската економија, македонските можности. И во следниот мандат, приоритет ќе ни бидат држава и економија кои создаваат нови работни места.

Ја бараме вашата поддршка за да продолжиме да работиме на развојот на земјоделството, сточарството, инфраструктурата. Македонија да ја правиме подобро место за сите.

Драги сограѓани,

Знаеме каде одиме, знаеме што сакаме. Ве повикувам сите вас, сите граѓани, со заедничка енергија побргу да ги оствариме програмските цели што го обединуваат целото македонско општество:

Европа во Македонија и Македонија во Европа!

Држава и економија кои создаваат нови работни места!

Македонија, дом во кој се гради благосостојба за сите!

 

Знаеме како да го направиме тоа. Лесно не го даваме зборот. Пак ќе се видиме и со чист образ повторно ќе се погледнеме во очи.

Од Росоман продолжуваме кон победата затоа што изборот е Македонија!

Државата пред сè!

 

Македонија пред сè!

(Интегрален текст од говорот на Ѓорѓе Иванов на митингот во Росоман)

28.03.2014 - 13:19

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега