Партиите се уште не поднеле листи за кандидати за пратеници - ДИК ќе чека до утре

 

Утре на полноќ завршува рокот за поднесување листи за кандидати за пратеници до Државната изборна комисија. До денеска на пладне, ниту една од партиите неја поднела својата листа.

Откако ќе ги добие листите, ДИК има 48 часа за да утврди дали листата на кандидати е поднесена во утврдениот рок и дали е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик. Евентуалните недостатоци, партиите ќе треба да ги отстранат исто така во рок од 48 часа.   

Роковникот на ДИК предвидува на 3. април да се изврши жребување за редоследот на листите на гласачкото ливче. Во изборната единица каде нема да има свој претставник, соодветниот број на подносителот на листата ќе биде изоставен, а на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител без оставање празно место. Листите на кандидати предложени од коалиција предводена од една иста политичка партија, без разлика на бројот на политичките партии во коалицијата во различни општини односно изборни единици, имаат ист реден број во сите општини, односно во сите изборни единици.

На 9. април ДИК во дневниот печат треба да ги објави утврдените единствени листи на кандидати за пратеници во изборните единици.

Во недела, на 30. март на полноќ завршува и јавниот увид во Избирачкиот список за предвремените парламентарни избори и за пријавување на македонските државјани кои работат и престојуваат во странство. Електронски, преку веб-страницата на ДИК, увид во Избирачкиот список досега направиле 27.000 граѓани. До вчера за гласање на предвремените парламентарни избори биле пријавени над 6.000 македонски државјани во странство.  

Најдоцна на 4. април ДИК избирачкиот список го доставува до политичките партии, кои имаат рок од пет дена до Комисијата да достават барања за запишување, дополнување и бришење податоци. ДИК треба да го потпише заклучениот Избирачки список најдоцна до 17 април.

Кампањата за предвремените парламентарни избори стартува на 5 април, а поради првиот круг од претседателските избори ќе биде прекината на 12 и на 13 април. Ова се трети предвремени парламентарни избори во Македонија и ќе се одржат на 27 април, на вториот круг од претседателските избори.

28.03.2014 - 12:27

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега