Саше Политико носител на листа во третата изборна единица

 

Сопственикот на порталот Мактел, Саше Политико, денеска објави дека ќе биде носител на изборната листа на партијата Народно движење за Македонија во третата изборна единица. Станува збор за партијата на Јанко Бачев, кој до сега немаше пратеници во македонското Собрание. 

Во продолжение ви пренесуваме дел од програмата на Саше Политико. 

- Намалување на ДДВ од 18% на 8% во рок од 10 години, секоја година да се намалува по 1%;

- Мораториум од 10 години за набавка на мебел и автомобили во државната администрација!

-  Воведување на максимална плата во администрацијата од 500е, и намалување на сите плати на директори и шефови кои се над овој износ!

- Мораториум од 10 години за вработување во администрација!

- Намалување на бројот на вработените во администрацијата за 50% во наредните 10 години, намалување по 5% годишно!

-  Укинување на голем број на владини агенции и регулаторни тела и неколку министерства, на пример министерството за култура. Државата не треба да се меша во такви области како култура и слично, тоа е комунистичка тоталитарна филозофија.

-  Укинување на функцијата заменик министер. Тоа е тотално непотребна функција која генерира трошок и постои само за подобро договарање при правење владини коалиции.

- Укинување на поимот репрезентација т.е јадење и пиење на државна сметка. Вработените ќе јадат и пијат со свои пари од свој џеб. На оваа мерка годишно во Македонија се трошат неколку милиони евра ако се соберат сите трошоци од сите министерства, агенции, јавни претпријатија, болници, школи, општини итн итн...

- Државата да се плаши од народот а не обратно - полицијата да не смее да сопира и распрашува никого ако нема за тоа сериозна причина! Секој граѓанин да има право да се јави во канцеларијата на јавниот правобранител и да пријави малтретирање пред да биде приведен!

- Укинување на функцијата претседател, тој е англиска кралица и само прави трошок а и се трошат пари за избори за некого кој нема никаква власт!

-  Воведување забрана за вработување во администрација за секој оној кој е фатен како прима мито или работи нерегуларно

- Зголемување на казните за измамите и кражбите од буџетски пари од државни фирми, воведување минимална казна од 10 години за секој кој е фатен како краде од народните пари!

-  Укинување на МТВ и укинување на претплатата за МТВ. МТВ да се продаде во пакет на меѓународна аукција!

-  Укинување на голем број амбасади, Македонија е мала земја и нема потреба од толку многу амбасади, максимум ни требаат 10 амбасади. За се друго тука е министерот за надворешни кој често ќе ги посетува земјите во светот за време на својот мандат.

-  Целосна слобода во медиумите и говорот на јавна сцена. Забрана за државата да троши пари во медиумите на која и да било основа. Се што има да им соопшти на граѓаните, државата ќе го направи преку прес конференции и годтувања на министрите и премиерот по емисии и интервјуа во пишаните и електронските медиуми.

-  Антикорупциските и државните ревизорски тела треба дда бидат водени од пратеници од опозицијата.

-  Редовно гостување на премиерот и министри во контактни емисии каде директно ќе одговараат на прашања од гледачите.

-  Воведување практика на редовен годишен тв дуел на политичките лидери од опозицијата и владејачките партии.

-  Намалување на задолженоста на државата за 50% во следните 10 години. Секоја година да се намалува задолженоста за 5%!

-  Намалување на буџетот од сегашните 3 на 2 милијарди евра во следните 10 години и останување на тоа ниво без разлика на растот на БДП. Тоа да се направи со намалување од 100 милиони евра годишно.

- Укинување на државните монополи преку нивна продажба откако ќе се поделат на мали делови за да потоа си конкурираат меѓу себе. Промовирање на конкуренција и либерализација во сите сектори на живеење.

- Укинување на повеќето давачки и ограничувања за градење на куќи и станбени згради со што ќе дојде на намалување на цената на становите и куќите со што младите луѓе ќе можат да дојдат до сопствен стан или пак да плаќаат помала кирија.

- Приватизирање на терциерното здравство, т.е клиниките за во рамките на клиничките центри во државава. Конкуренцијата меѓу приватните болници ќе доведе до снижување на цените на услугите и подобрување на квалитетот на услугата. Најзагрозените граѓани да се помагаат со парични средства од буџетот во случај на потреба од операции.

- Укинувањето на повеќето регулации и правила при водењето бизнис. Ќе им се олесни на луѓето водењето бизнис а и ќе се намали можноста бизнисмените да бидат рекетирани од државните службеници бидејќи нема да можат да им најдат грешки во работењето затоа што нема да има речиси никакви правила.

- Намалување на сите казни во државава, воведување на правило од 3 опомени пред изрекување на казна.

28.03.2014 - 10:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега