Доделени наградите за 2024: Бобан Илиоски и Милијана Релиќ прогласени за спортисти на годината
Министерството за спорт и Сојузот на спортски федерации на Македонија, на свечена церемонија во Националната опера и балет, денеска ги прогласија најдобрите во македонскиот спорт за 2024 година.
Традиционалната манифестација „Спортист на годината“ оваа година одбележува 70-годишен јубилеј.
Признанието спортист на годината за 2024 му припадна на кикбоксерот Бобан Илиоски, европски шампион во категоријата до 86 кг. на ЕП во Атина.
Најдобра спортистка за 2024 година е таеквондистката Милијана Рељиќ, македонска олимпијка и четвртфналистка од Олимписките игри во Париз.
Наградите на најуспешните македонски спортисти за 2024 година им ги врачија, претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски.
– Денеска им оддаваме признание на најдобрите – спортистите кои со својата посветеност, дисциплина и талент ги поставија највисоките стандарди. Секако, не смееме да ги заборавиме ни тренерите, клубовите, федерациите и сите спортски работници кои со години стојат зад нивните успеси. Денешниот настан е доказ дека спортот ги руши сите бариери – политички, етнички и социјални – и ја обединува нацијата. Во годинава што изминува, Македонија по две децении конечно доби Министерството за спорт. Оваа институција треба да го издигне и да го врати македонскиот спорт на местото што го заслужува. Спортот бара жртви, но носи и многу радосни моменти како овој денеска. Бидете упорни и истрајни на тој пат. Победувајте за себе и за Македонија! – порача министерот Борко Ристовски.
Претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски ги поздрави спортистите и спортските работници и им се заблагодари што достојно ја претставуваат Македонија во светот. Мицкоски изрази задоволство од она што е направено досега по конституирањето на новото Министерство за спорт и истакна дека спортот ќе биде еден од главните приоритети на Владата.
– Ќе дадеме се од себе заедно со вас спортистите и спортските работници во иднина да ја направиме Македонија и македонските граѓани повторно горди на вашите постигнувања. Прв пат по осамостојувањето формиравме Министерсво за спорт, институција која ќе се грижи исклучиво за спортот и за спортистите. Со министеротБорко Ристовски секојдневно сме во комуникација и секојдневно разговараме што треба повеќе да се направи за вас спортистите да имате можности да тренирате тука дома, да може да се надградувате и да можете што подостоинствено да ја претставувате Македонија. После првите месеци од конституирањето на оваа институција, можам да кажам дека навистина сум задоволен од сето она што досега го направивме.Но, исто така ветувам дека заедно со вас во периодот што следува ќе направиме уште повеќе – рече Мицкоски.
Добитници по категории:
Спортист на годината: Бобан Илиоски (кикбокс)
Спортистка на годината: Милијана Рељиќ (таеквондо)
Најуспешен млад спортист: Силвио Мировски (кикбокс)
Најуспешна млада спортистка: Ива Младеновска (ракомет)
Најуспешен женски национален тим: Ракометна репрезентација на Македонија – сениорки
Најуспешен машки национален тим: Ракометна репезентација на Македонија – сениори
Најуспешен тренер/селектор: Кирил Лазаров (ракомет)
Најуспешна национална спортска федерација: Македонска таеквондо федерација
Најуспешен спортист со инвалидитет: Оливера Наковска Бикова (стрелаштво)
Најуспешна спортска екипа од Универзитетите: Машкиот кошаркарски тим на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје
Најуспешен училишен спортски клуб од средните училишта: СОУ „Јане Сандански“ – Струмица
Најуспешен училишен спортски клуб од основните училишта: ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ – Скопје
На годинашното јубилејно 70-то издание на изборот „Спортист на годината 2024“ беа доделени и две специјални признанија за истакнати резултати и посебен придонес во промоцијата на македонскиот спорт.
Истакнатите македонски ракометни судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов добија плакета како достојни претставници на Македонија на меѓународна сцена, на Олимписки игри, европски и светски првенства и клупските ракометни натпреварувања од највисок ранг.
Европскиот вицешампион од Европското таеквондо првенство за кадети, Теодор Стојановски доби плакета како откритие на годината млад спортист – кадет.
Манифестацијата „Спортист на годината 2024“ ја организираа Министерството за спорт и Сојузот на спортски федерации на Македонија, а изборот на најдобрите за 2024 е направен според гласовите од националните спортски федерации и од спортските новинари.
Најуспешните екипи во училишен и во универзитетски спорт се избрани по одлука на Федерацијата за училишен спорт на Македонија и Универзитетската спортска федерација на Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа