Ердоган по преговорите во Истанбул: Ќе преземеме чекори за организирање средба меѓу Путин и Зеленски

 

Турција ќе преземе чекори за организирање средба меѓу претседателите на Русија и Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски, во главниот град Анкара или во Истанбул, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Мојата желба е да ги доведам Путин и Зеленски заедно во Истанбул или Анкара. Исто така, да го поканам американскиот претседател Доналд Трамп на оваа средба. Ќе преземеме чекори за организирање на оваа средба по последните разговори“, рече Ердоган, зборувајќи по состанокот на кабинетот во Анкара, пренесува Ројтерс.

Денес во Истанбул се одржа состанок на руската и украинската делегација, каде што руската делегација го достави својот нацрт-меморандум за потенцијално примирје во Украина.

Помошникот на рускиот претседател Владимир Медински, кој е и претседател на руската делегација на преговорите, им изјави на новинарите по разговорите со украинската делегација дека е договорена размена на тела по принципот 6.000 за 6.000, како и „најголемата размена на воени заробеници досега“, пренесува РИА Новости.

Тој рече дека според договорот, Москва и Киев ќе разменуваат затвореници под 25 години, како и дека ќе се формира заедничка комисија за размена на ранети војници, „без политички одлуки“.

Тој додаде дека Русија ѝ понудила на Украина „конкретно примирје“ од два до три дена, на одредени делови од фронтот.

Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров изјави по средбата со руската делегација дека на денешните преговори во Истанбул е постигнат договор за размена на сите тешко болни воени затвореници, како и оние под 25 години, пренесува Ројтерс.

По денешниот состанок, украинското Министерство за надворешни работи објави дека Украина ќе биде подготвена да донесе одлука за понатамошните чекори откако ќе го проучи меморандумот за потенцијално примирје што ѝ го предаде руската делегација на состанокот во Истанбул.

Во соопштението се додава дека Украина не можела веднаш да реагира на рускиот предлог, со оглед на тоа што тој беше доставен дури денес.

 
02.06.2025 - 18:52

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега