Иванов од Чашка: Со ваша поддршка ќе продолжиме со уште посилно темпо

(интегрален текст од говорот на претседателот Ѓорге Иванов во Чашка)

Во 2009 година ја побарав и ја добив вашата доверба. Денес повторно стојам пред вас со чист образ, и повторно ја барам вашата доверба, за да продолжиме да ја градиме Македонија.

          Бев вашиот глас, каде и да одев. Остварив преку 450 средби со претседатели, премиери, министри, државници. Остварив повеќе од 100 официјални, работни и неформални посети и учества на меѓународни настани. Бев домаќин на над 40 официјални и работни посети на шефови на држави на Република Македонија. Целиот мандат го посветив на отворањето нови можности за македонската економија, образование, спорт, за младите.

          Секогаш бев меѓу народот, и народот доаѓаше кај мене. Преку 5000 граѓани дојдоа кај мене, во мојот кабинет. Со сите се сретнав, сите ги слушав, разговарав со нив и секогаш за нивните предизвици дознавав од прва рака. Имаше многумина што бараа помош. Се трудев да им помогнам во рамките на моите надлежности.

          Соработував со премиерот, со Владата и со министрите во областите на поделена надлежност, но и во економската промоција на Република Македонија.

Постигнавме:

  • Визна либерализација за нашите граѓани за сите ние да можеме слободно да патуваме низ државите од Европската унија.
  • Ја внесовме Македонија во гасоводот „Јужен тек“.
  • Нови странски инвестиции, се отворивме кон нови пазари и создадовме нови можности за македонската економија.

          И во тешки времиња за Европа и светот, времиња на криза, Македонија имаше економски успеси. Со реформи станавме привлечни за странските инвестиции. Македонија стана еден од најдобрите реформатори во светот и најдобар во Југоисточна Европа.

          На дело покажавме како се работи за Македонија:

  • Донесени се речиси 2 милијарди евра странски инвестиции;
  • Отворени се 120.000 нови работни места;
  • Спроведени се реформи во речиси секоја област од животот.

          Многу се прави за земјоделството. До сега се  исплатени половина милијарда евра субвенции за земјоделците. Само за овој регион од 2006 до 2013 година исплатени се околу 1.27 милијарди денари. Само за 2013 година се исплатени  150 милиони денари субвенции за одгледување тутун, житни растенија и за сточарството.

          Деновиве се одржала и успешна регионална трибина за органското земјоделство и за добрата земјоделска практика. Производството на квалитетна органска храна може да отвори нови пазари и да создаде нови работни места за Чашка. Ќе ги поддржам ваквите иницијативи.

          Вашите земјоделски и сточарски производи треба лесно и брзо да стигнат до пазарите низ Македонија. Затоа се инвестира во патишта и во железници. Се врши реконструкција на локалниот пат Манастир – Мокрени – Мокрени – Теовски уши. Деновиве се очекува да започне и реконструкцијата на локален пат за село Мелница. Но, не се ограничуваме само на локалните патишта. Ќе се обнови и железничката станица во Чашка, преку која општината е поврзана со меѓународниот Коридор 10.

          Ни треба вашата поддршка за да продолжиме на ист начин и со уште посилно темпо.

          Чашка има одлични потенцијали за развој на планинскиот туризам. Веќе се уредени 40 километри патеки на планинарска инфраструктура на планините Даутица и Јакупица.

          Заслужувате достоинствен и квалитетен живот.

          Државата продолжува да инвестира и во спортот. Изградено е фудбалско игралиште. Доделена е спортска опрема за децата од социјално ранливите категории.

          Македонија е земја на солидарноста. Се грижиме за сиромашните. Отворена е Народна кујна. Како држава, ние мора да бидеме солидарни со луѓето кои имаат потреби.

 

          Мора да се грижиме за здравјето на нашите граѓани. Има редовни здравствени услуги и домашна визита. Реновирана е и Специјалната болница за белодробни заболувања „Јасеново“.

          Уредено е речното корито на реката Тополка, а се планира и изградба на филтер-станица во населбата Чашка, со која ќе се реши проблемот со водоснабдувањето, кој е особено изразен во летниот период.

          Сево ова се конкретни проекти и конкретни резултати. Покажавме како треба да се гради Македонија.

Почитувани сограѓани,

          Јас секогаш велам: „Каква Македонија градиме, таква ќе ја имаме“.

          Ние знаеме каква Македонија сакаме и каква ја градиме. Градиме успешна, напредна и почитувана Македонија. Ве повикувам сите вас, со заедничка енергија, побргу да ги оствариме целите што се заеднички за сите нас:

·              

Европа во Македонија и Македонија во Европа.

·              

Држава и економија кои создаваат нови работни места.

·              

Македонија, дом во кој се гради благосостојба за сите.

          Нив треба да ги постигнеме. Затоа ја барам довербата на граѓаните за уште еден мандат за претседател на Република Македонија.

          Сите вие сте вредни луѓе, луѓе домаќини. Затоа, ќе ме разберете кога ќе речам дека Македонија е нашиот заеднички дом.

          Домот е пред сè!

          Државата пред сè!

 

          Македонија пред сè!

26.03.2014 - 22:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега