Рози засадени кај рудникот Саса
Во дворот на управната зграда на рудникот за олово и цинк „Саса“ денеска беа засадени рози во рамки на акцијата „Македонија земја на цвеќето-земја на розите“.
Розите ги засадија државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање Соња Лепиткова, градоначалникот на општината Дарко Митевски и раководството на рудникот.
- Розата има својства да ги извлекува тешките метали и отровните материи од почвата, водата и воздухот и во тоа го гледаме и значењето на денешната акција. Рудникот „Саса“ реализираше и други проекти за заштита на околината. На поранешното јаловиште се засадени илјадници садници со багрем, бор и други растенија со што е сопрена ерозијата и е намалена можноста од хаварии, истакна Лепиткова.
Лепиткова засади рози и во градскиот парк во центарот на Македонска Каменица, а оствари средба и со градоначалникот на која разговараше за конкретните проблеми со кои се соочуваат граѓаните и за преземените мерки во областа на екологијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа