Марјан Николовски: СДСМ авангардна

Не завршува тука авангардната политика на СДСМ. Тука почнува. Заев кога ќе победи, Владата ќе ја води од Струмица. Шекеринска ќе го прима Филе и Баросо дома. Марјанчо во Велес ќе ја пресели буџетската каса, Лидија Димова ќе води НВО Дипломатија… Дисперзирана Влада. Ем блиску до народот, ем исполнет аманет – “комуњарска” нога нема да пречекори праг на барокна ЦЕ-КА.

И Стево ќе фати чекор, како “Претседник на в’сичките”. Од улица ќе ја води државата. До 10 кај Рекорд, околу пладне на Камен мост, пред крај на работно време на Зелен пазар. Се за блискоста со народот.

Така нема да мораат ниту да се гледаат. Секој за себе. И така сите од сите се дистанцираат. Стево од СДСМ, Заев од Бранко, Рада не ја сака Савова, Шема се ежи од Марјанчо, Јани е алергичен на Заев.. и се така во круг… Сите на куп, а никој со никого и народ треба да ги гласа. Таа е таа нова авангардна политика.  Нов политички правец, нова политичка теорија. Само Солза загубена во просторот.

Бидејќи Заев и Шекеринска и раководството не се на пратеничките листи, до изборите ќе мора да лепат плакати. Некако да одработат за место во Владата.

По штосен потег би бил, Шекеринска и Заев да беа на последното место листите. На дното.

Новот лице на СДСМ не го прават безимени анонимци поставени за носители на листите. Го прават првите луѓе на Партијата. А, таму се и Заев и Шекеринска. Тоа што Шекеринска нема да ја има на листите за пратеници, не значи дека СДСМ се дистанцирал од скандалите кои ја поврзуваа пред изборите.

Оние кои треба утре да ја водат државата, да ја формираат Владата логично е својот рејтинг да го проверат директно на избори или пак јасно да дефинирате, ова е пратеничката група, ова се идните министри во идната Влада. Кој е кој во оваа авангардна политика на СДСМ? За кого ќе треба гласаат граѓаните? За Заев, за Шекеринска, За Јани,  за Бранко, или за Солза, Роза,  за Дуфе, за Тодор, за Трајан? Ќе биде Премиер? Лидија Димова?, Солза?, или Заев? Кој ќе биде министер за финансии, Кире Наумов? Стојко Пауновски? или Ванчо Узонов? Другите се во СДСМ или не се? Ќе бидат ли дел од креаторите на идната политика или не? Зошто одговорите на овие прашања се кријат?

Но, кои се новите лица? Новите и не се така нови. Можеби се само анонимни за најголем дел од граѓаните, но не и за хроничарите на политичката сцена во Македонија. Голем дел од она што СДСМ сега го нуди како авангарда, која треба да ги однесе Шекеринска и Заев во владините фотељи, се лица кои неуспеаја да ги обезбедат ниту своите фотељички на локално ниво.

Хари Локвенец на пример, пред една година испадна од граночалничката трка во Прилеп уште во првиот круг. Загуби со 9300 гласа. Сега ќе ја предводи листата на СДСМ во четвртата изборна единица.

Бетијан Китев е сличен пример. Во Кавадарци загуби со 3500 гласа. Васко Ковачевски, кој треба да влече гласови во петтата изборна единица, доживеа дебалак во Битола.  И Миле Андонов беше поразен во истата трка за градоначалник на Кочани. Тој и неќе да е ново лице, освен ако во раководството на СДСМ не знаат дека е пратеник, слично како и Сугаревски од Прилеп и Стојко Пауновски од Тетово

Но, меѓу “авангардните нови лица” има и стари кадри од вториот ешалон, кои директно беа дел од претходните изборни циклуси како теренци, а не донесоа победи. Благоја Стојановски, актуелен пратеник е типичен пример. Тој заедно со тимот на СДСМ во Бутел загубија со 4800 гласа на локалните избори. 65% наспртоти 35%.

Има тука и многу луѓе од доверба на Заев. Панче Орцев, Пратеник и близок човек на Заев, неговото име се врзуваше со бизнис зделките во Струмица. Тука е и Марјан Даскаловски, носител на советничката листа на Заев од локалните избори, негова верна сенка. И така со ред.

Туку, оваа авангардна политика што Заев, наводно сега ја пропагира и не е така нова, непозната. Нејзе ја промовираше Црвенковски на изборите во 2011-та. И тогаш неговото повлекување и промоворање на Шекеринска како иден мандатар беше анализирано како нова политичка авангарда. Сега авангардата е надоплнета и надоградена.

Тоа било стратегија. Стратегија за победа. Авангарда. Нема тука никаква стратегија, туку се работи за бајпас решение за големиот распад и негово пролонгирање до завршување на изборите. А потоа?

За Денешен Марјан Николовски – Новинар

25.03.2014 - 16:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега