Амбасадорот Ангелов одликуван со највисоко одличје од унгарскиот претседател

Денеска македонскиот амбасадор во Унгарија Дарко Ангелов со одлука на тамошниот претседател Јанош Адер беше одликува со највисокиот унгарски орден - Орденот за заслуги со командантски крст. 

Ваквата престижна награда Ангелов ја доби благодарение на неговиот исклучителен придонес кон развојот на македонско-унгарските односи за време на четиригодишниот мандат. 

Ангелов орденот го прими од државниот министер за надворешни работи Немет Жолт, за време на церемонијата на прошталниот прием за крајот на неговиот мандат, кој што беше организиран од Македонската амбасада во Будимпешта. 

Дипломатскиот прием се одржа во престижниот Унгарски музеј за современа уметност, Музејот Лудвиг во Будимпешта со присуство на дипломатскиот кор во Унгарија и високи претставници на унгарските власти. 

По приемот на орденот амбасадорот Ангелов истакна дека овој чин е уште една потврда за одличните односи на пријателство меѓу Македонија и Унгарија кои во изминатиот период особено се продлабочија во повеќе општествени области.

- Во меѓународната политика двете држави споделуваат исти вредности во кои почитувањето на меѓународното право треба да биде централно во меѓудржавните и мултилатерални односи, што се гледа и во силната, високо принципиелна поддршка на Унгарија за безусловна и неодложна евро-атланска интеграција на Македонија, истакна амбасадорот Ангелов во обраќањето пред дипломатските и владини претставници во Унгарија.

За време на приемот се одржа и дегустација на вината од винаријата Стоби. Во организација на Македонската амбасада, во наредните денови ќе се одржи дополнителна презентација на вината на Стоби за најголемите унгарски вински дистрибутери.

19.03.2014 - 11:58

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа