Македонија одлично се бори против корупцијата

 

-Македонија има одлични постигнувања во исполнувањата на препораките на Групата на држави против корупција на Советот на Европа - ГРЕКО. Од 44 препораки 35 се целосно имплементирани, шест делумно, а само три не се имплементирани, истакна на денешната прес-конференција во Министерството за правда, членот на експертскиот тим на ГРЕКО за Република Македонија, Софи Меудал Лендерс

Лендерс појасни дека делумно исполнетите и неисполнетите препораки, се од третиот круг на евалуација на ГРЕКО. 

- Оваа рунда на евалуација се уште не е затворена. Македонија има се уште да работи на овие полиња, особено во сферата на финансирањето на политичките партии, но таа ситуација ќе ја разгледаме кога ќе го добиеме извештајот за Македонија во септември, објасни Лендерс.

Четвртиот круг на евалуација на ГРЕКО се реализираше од 13 до 17 мај годинава. Тој се однесуваше на превенција на корупција кај судиите, обвинителите и пратениците.

Министерот за правда Блерим Беџети денеска информираше дека во однос на четвртиот круг на евалуација, од ГРЕКО бил доставен Прашалник со 27 точки на тема превенција на корупцијата кај судиите, пратениците и обвинителите, механизмите за превенција на корупцијата, законските и институционалните механизми, едукација, обуки...

Министерот истакна дека Македонија навремено ги доставила одговорите на овој Прашалник до ГРЕКО. Извештајот за четвртиот круг на евалуација ќе биде изготвен врз основа на тие одговори и на податоците од теренската посета на Македонија.

најчитано сега