Драган Павловиќ Латас: Потпис

Колку помалку добри политичари има во некоја средина, толку повеќе тој празен простор го заземаат другите, ставени во нивна функција: новинари, уметници, писатели, спортисти, адвокати... мајстори на јавната сцена од разни професии.

Затоа во Германија, или Англија, Америка па и Франција... во политичката борба нема масовна употреба, или злоупотреба на новинари, и други горенаведени, во политичките и партиски битки за власт. Нема простор за другите на таа сцена.

Политичар се бори против политичар, а не против новинар. Тука не е така.

На левата страна, кај Социјалдемократите, просторот е празен. Секоја шуша од новинар, адвокат, уметник или самонаречен интелектуалец го зема просторот, и игра без конкуренција. Таму политичари речиси веќе и да нема. Кога на фронтот нема војска, настапува паравојска. Како потпросечниот адвокат Шилегов, и ексновинарот Роберт Поповски со проневерите во ЗНМ. Новинарска и спонзорска паравојска.

Паравојската на СДСМ е во најнова акција. И пред овие избори, како што редовно било десетина изборни циклуси наназад, е во акција да ме прегази, и стави надвор од функција за изборите што следат. Мереле, броеле, ценеле и процениле дека им е исклучително битно да ме нема пред изборите. Тоа им носи решавачки квалитет, сметаат тие. Затоа и најмногу време и стрели потрошија за Латас да биде надвор од фронтот.

Заради моите фанови, исклучиво заради нив, да кажам неколку збора што е вистина, спроти нивните стрели и отрови.

Тие зборуваат: Латас е многу богат, а има пари затоа што владата му плаќа за да работи и се бори за нив. Не му верувајте затоа што го кажува она за што е платен.
Вистината е: моите приходи, со прост увид во имотите, пријавите и даноците, е еднаков кога власта ја имал СДСМ, како и сега кога владее ВМРО.

Парите за плаќање медиуми и новинари се кај Сорос и СДСМ. Дваесет години е така. Ние, меѓу новинарите особено, добро го знаеме тоа. Ако ми требаат борби и мегдани за профит, јас одамна ќе бев на нивната страна. Но, не е така. Само оној што верува во тоа што го чини, и работи, може да издржи се што паравојската на СДСМ прави против мене сиве овие години. Од упади и претреси во стан; мешање и вознемирување фамилија со најдолни теми и мотиви; пуштање инспекции; апсење и распрашување колеги; пуштање во промет по анонимни сајтови аудио, видео и секакви други монтирани материјали и документи; долги сеанси по амбасади и странски служби со олајување и кодошење; педесетина судски процеси за клевета кои ниту еднаш не завршиле со пресуда против мене; притисоци врз моите газди; палење атмосфера и конфликтни тензии по етничка, родова и каква се не основа; барем иљада текстови, ТВ-прилози, коментари, колумни... за овие дваесетина години само, со обиди да се покаже друга, поинаква слика за Латас, поинаква од онаа што се гради и реално со свои очи ја гледа секој во просторот, и времето кое е долго и запаметено. Ова е само дел.

Тоа не се издржува заради пари. Треба многу, многу верба во себе и своето.
Тие деновиве зборуваа: Латас има четири стана, кој новинар го има тоа, обидувајќи се да разгорат завист, конфликт и осуда од другите новинари, и од моите фанови.
Вистината е поинаква. За триесет години работа, од кои барем дваесет во врвот на оваа професија, сум купил еден стан. И друг стан кој мојата сопруга го добила од нејзините родители пред триесет години, и потоа го заменила за друг. Тоа е се што мојата сопруга, и јас, имаме од станови. И не е нешто, наспроти становите на Геро и Шекеринска.

Одеа по приватен имот, и сликаа, за да кажат: Латас има цел рид од седум илјади квадрати во Зелениково со луксузни куќи, тоа му го дал Груевски за да работи за него.

И ова е клевета. Јас имам два брата, и заедно со нив имаме таков плац во Зелениково и, заедно, таму градиме викендици. Не ни можат да бидат луксузни затоа што се во фаза на карабина. Патем, во времето на СДСМ сме имале исто толкав плац во викенд-населба Побожје, кој сме го продале за 10 евра квадрат, а во Зелениково квадрат плац е купен за просечна цена од три евра за квадрат. Они го знаат ова, но им треба слика и емоција која не се темели на факти и бројки, туку на од нив создадените илузии.

Илузија дека приватна фирма, кола, викендица може да има секој кој е врв во својата професија, и платил данок... секој, освен Латас. Така кажуваат тие.

Со проста математика, целиот комплекс во Зелениково, сликаниот имот на сите три браќа, вреди помалку од апартманот на Шекеринска во Лагадин, Охрид. Или викенд-куќата на Роберт Поповски, медиа организаторот во СДСМ. А ако кон ова се додадат семејни четири стана на Шекеринска, илузијата за богатиот Латас контра Рада станува пародија. Па Шекеринска, само од киријата за станот во кој живеат, за година дена заработува 63.000 евра. За пет години од договорот, тоа е 315.000 евра, во кеш. А каде е другото.

Ниту Шекеринска, ниту нејзиниот сопруг не се врв во своите професии, како што сум јас во мојата работа. За да не се зборува за ова, се турка приказната за Латас.

Ваквите замени на тези, отворање приказни за други за да се скрие сопствената, се нормални појави во политиката.

Секој добар уредник знае дека насловот продава вест. Последниве десетина, петнаесет години неколку имиња во насловите значат гаранција дека веста ќе биде врвно забележана. Имињата на Тоше Проески, Латас, Бранко Црвенковски и Мијалков ставени во наслов, по дефиниција и по правило, се најчитани наслови и вести во весник, на интернет, во телевизија... каде и да ги ставите, ќе бидат во врвот. И, тоа се троши.

Ако ги погледнете сајтовите и весниците на Геровски, Ацо Кабрамов, Борјан Јовановски или некој друг од нивните... ќе видите дека секој наслов каде се спомнува Латас е убедливо најчитан меѓу морето нивни текстови, за се и сешто. Тие тоа го знаат, тие тоа го гледаат, тие тоа го употребуваат до максимум за свои пазарни потреби.

За себе прибираат слава преку моето име. Но, со годините, градат слава и за мои потреби. Задоволството е обострано.

Јас немам ни сајт, ни Фејсбук-профил со моето име. Латас. Некој друг ги регистрирал за себе. Тоа е судбината на славата. И на потписот.

Многу работи, во кои свесно и плански, за криење и покривање сопствени политички и криминални цели се употребува моето име... се изнагледав деновиве.

Многу луѓе, од повеќе страни, имаа интерес да се врти по насловни страници, Фејсбук и сајтови името Латас, дури и кога знаат дека нема причини за тоа. Се врти затоа што, на едните или на другите, им треба вниманието да се концентрира на проверено популарната тема Латас, додека нивните афери, нивните имоти и бизниси, речиси незабележано од јавноста, се спомнуваат во втор план, брзо се забораваат и поминуваат без последици.

Тие луѓе, од која страна и да беа, имаа јак интерес тоа да биде така.
Помеѓу останатото, со Борјан Јовановски, во Атина, бевме гости во кабинетот на грчкиот милионер Кондоминас. Фино примени, муабет направен, атерот истеран и на вечера потоа. Овие денови гледам како тој Борјановци пишуваат дека е уапсен Кондоминас, пријателот на Груевски. 
Читам како полуписмениот Кабранов, помогнат од ќерката на Фрче, констатира дека Латас е куќен пријател на Груевски, затоа му е се дозволено.

Ако сум имал некогаш размена на куќни посети со некој политичар, тоа е најмногу со Радмила Шекеринска. И тоа во време кога Груевски е на власт.

Во политиката, за свој ментално најблизок соговорник, го сметам Арбен Џафери. Да беше здрав, и да се кандидираше за претседател на Македонија, не сум сигурен дека не би гласал за него. А Геро и Кабранов пишуваат - Латас не ги сака Албанците.

Мојот однос со политичарите секогаш бил однос на рамноправност и меѓусебен респект. Без оглед на која политичка страна и припаѓаат. Не како што Геро, и пред мои очи, до ниво на невкус и полтронство му се вовлекувал на Борис Трајковски или, или уште полошо, односот на Ацо Кабранов кон Фрчкоски и Доста Димовска, кој е однос на дворски шут кон дворјаните од кои бара да му дозволат да биде виден во кафана покрај нив.

Затоа, никој од нив никогаш не стана Латас. Потпис кој проверено носи внимание.
За да заштедам време за објаснување, да ги упатам на филмот Модиљани.

Има една сцена, кога Пикасо се обидува на Модиљани да му објасни дека уметноста не е само суета и хедонизам, туку креација и егзистенција. Го носи на посета во Прованс, во луксузната куќа на најголемиот сликар во тоа време, стариот Реноар.
- Како го заработи сево ова, прашува младиот Модиљани.
- Со потпис, му одговара Реноар. Се што јас ќе потпишам, се продава.

За таков потпис треба талент, знаење, многу пот, борба и верба. Во себе и другите.
Се до тогаш, за да продадат текст, на Геро, Кабрамов, Борјан, Јадранка... им е неопходно да го спомнат Латас, за да бидат забележани, и продадени, нивните текстови.

Мене ми е доволно само да се потпишам под текстот. Латас.

Пишува: Драган П. ЛАТАС за Вечер

10.02.2014 - 10:30

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега