Собранието ги усвои измените за законот за заштита на културното наследство во прво читање
Собранието на Република Македонија во попладневниот дел на 84. седница го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на културното наследство, во прво читање, и едногласно заклучи дека е прифатлив и оти може да се даде на натамошно читање.
Предложената измена е со цел да се олесни продажбата на антиквитетите и уметнички или други предмети на колекции што немаат статус на заштитени добра според одредбите на Законот во смисла на тоа сите формалности кои се потребни да бидат исполнети за да може да се извезе доброто во странство да се завршат при купувањето на добрата.
Со предложените решенија се поедноставува постапката за изнесување антиквитети и уметнички или други предмети на колекции што немаат статус на заштитени добра во странство, во смисла уверение за извоз и изнесување за извоз и изнесување во странство да обезбедуваат галериите и другите правни и физички лица кои вршат нивна продажба.
Во Законот е содржана прекршочна одредба доколку трговецот со антиквитети, уметнички или други предмети на колекции и другите правни и физички лица кои вршат продажба на антиквитети, уметнички или други предмети на колекции пушти во продажба добра без да обезбеди уверение од Управата за заштита на културното наследство.
На седницата беа разгледани и барањата за автентично толкување на член 40 став 3 од Законот за јавните патишта, поднесено од градоначалникот на општина Крива Паланка, и за член 128 став 6 од Законот за основно образование поднесено од пратеникот Сафет Бишевац.
Собранието едногласно заклучи дека двете барања се неоправдани и оти нема потреба да се толкуваат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа