Попоски: Грција го користи тоа што е членка на ЕУ - не дава сигнали дека е заинтересирана за соработка
Министерот за надворешни работи Никола Попоски по учеството на 123. министерска сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа и повеќе средби со негови колеги од земјите од ЕУ во Стразбур, изјави оти добил потврда за нивната подготвеност да се поддржи почетокот на преговорите на Република Македонија за членство во ЕУ. Но, подвлекува тој, недостасува поддршката од Грција.
- Тоа што ни недостасува веќе подолг период е поддршката од Грција, таа е клучна. Сакаме да ја добиеме, но не чувствуваме доволно сигнали од Атина дека навистина постои некоја посветеност. Тековната ситуација е исклучиво комотна за Грција. Фокусот е на други теми и не гледам некој мотивирачки чекор, кој би ја поттикнал Владата во Атина да направи конструктивен чекор и да ни овозможи почеток не преговори, изјави Попоски за МИА.
- Мислам дека е многу значајно да имаме искрен и отворен дијалог. Грција, секогаш ќе го има инструментот како земја членка во ЕУ да го направи нашиот пат потежок и да ги искомпликува процесите, односо да не поддржи напредок за РМ. Но, сметам дека тоа не е најкомпатибилно со сите оние вредности кои ги имаме зацртано за градење постабилен, помирен и попросперитетен регион. Затоа мислам дека таа искреност и доверба треба да бидат клучниот елемент во градењето на нашите односи, вели Попоски.
- Македонија има интерес сите напори кои ги вложуваме во човековите права да бидат почитувани и во соседните земји, тоа се однесува како на македонската заедница, така и на сите оние групи кои се нарснати од екстремизам на европски план, вели Попоски.
Министерот Попоски, поладнево, се очекува да се сретне и со Франсис Тимерманс, министер за надворешни работи на Холандија.
ФОТО: Нетпрес