АХВ потврди: Има беснило во Македонија - резултатите испратени на потврдување во Франција
Oткако за неколку мачки во Македонија се потврди сомнението дека се заболени од беснило, мострите од мачките ќе бидат испратени во референтната лабораторија на Европската унија во Нанси – Франција, за вршење дополнително лабораториско испитување и финално потврдување на присуството на вирусот на беснило, соопшти денеска Агенцијата за храна и ветеринарство.
Резултатите, се подвлекува во соопштението, се очекуваат за 6-7 дена.
Во меѓувреме, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи да постапува согласно законските прописи со кои е пропишана задолжителната вакцинација на домашните миленици (кучиња и мачки) против беснило.
Што се однесува до бездомните животни, општините, односно Градот Скопје продолжуваат со заловување на уличните кучиња и мачки. Заловените кучиња и мачки од реонот на Радишани, ставени се под 15 дневен надзор на стручни лица.
Во декември минатата година, потсетуваат во соопштението, националната референтна лабораторија за дијагностика на беснило врз основа на докажаниот стандард во однос на валидноста на постигнатите резултати за контрола на беснило, доби овластување од Европската Комисија да врши серолошки тестови за ефикасноста на вакцините против беснило.
Националната референтна лабораторија за дијагностика на беснило при Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје редовно учествува во меѓулабораториски контролни тестови за беснило организирани од страна на референтната лабораторија на Европската унија и евидентира одлични резултати.