Лазаров: Ќе направевме многу повеќе ако играа Наумче и Филип

Нашиот најдобар ракометар и капитен на репрезентацијата Кире Лазаров објасни дека досегашните наши настапи не беа на врвно ниво поради некомплетноста на составот и големиот број на повредени играчи. 

- Задоволни сме што ја остваривме првата зацртана цел да влеземе во втората фаза и со тоа да бидеме носители на извлекувањето на двојките за баражите во пресрет на Мундијалот во Катар следната година. На првенството играме без стандардните Наумче Мојсовски и брат ми Филип Лазаров кои се повредија пред почетокот на ова натпреварување. Нашиот состав игра заедно веќе 12 години и тие секогаш беа дел од нас, па нивното отсуство многу се почувствува, истакна македонскиот капитен.

Лазаров во интервју за официјалната веб-страна на ракометното Европско првенство во Данска истакна дека очекувањата во Македонија биле големи поради петтото место кое го освоивме во Србија, но воедно упати апел до навивачите да останат смирени и да го ценат тоа што една мала земја како Македонија веќе зазема значајно место на ракометната карта во Европа.

Прашан дали може повторно да биде најдобар стрелец на ЕП, Лазаров кој во моментов со 38 голови води на листата на стрелците, Лазаров одговори дека тоа е важен момент за него, но во прв план му е успехот на репрезентацијата.

- Секако дека да бидете најефикасен на големите натпреварување е одлично чувство, сум бил најдобар стрелец на СП 2009, како и на ЕП 2012 и тоа е прекрасно чувство. Имам големи амбиции, кои може да се остварат само со помош на соиграчите од репрезентацијата. Сакам нешто големо со Македонија. Би било прекрасно да бидам повторно на врвот, изјави Лазаров.

За Лазаров главни фаворити за трофејот се домаќинот Данска, Франција, Хрватска и светскиот првак Шпанија.

Шпанија е нашата следна пречка меч кој што ќе се одигра утре. Лазаров вели дека ќе му помогне со совети на селекторот Ивица Обрван, но свесен е дека и противникот знае за неговата игра со оглед на тоа што настапува во Барселона.

На крајот од интервјуто за www.ehf-euro.com‎, Лазаров се осврнува и на клупскиот ракомет.

- Имаме квалитет но да се освои Лигата на шампионите е се потешко, бидејќи од година во година се повеќе се зголемува квалитетот на конкурентите. Сепак се надевам дека со Барселона ќе го освојам трофејот што го немам освоено во мојата кариера, а тоа ќе го направиме ако одиме чекор по чекор.

За нашите екипи во ЛШ Вардар и Металург најдобриот ракометар на Македонија вели дека се големи ривали, но таквото ривалство не треба да значи непријателство и како што вели, тоа е во интерес за подигнување на квалитетот, а полза од тоа има и репрезентацијата. 

21.01.2014 - 14:09
Фото: 
Скопјеинфо

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега