Трогателна приказна- "Го убив мојот пријател и платив прескапо за тоа"

Кога имав 20 години, во шумата најдов едно мало кротко кутре. Ми се допадна, па едноставно го земав со себе без да размислам. Веќе по неколку дена го засакав. Го носев кај и да одам и со него делев сè што имав. Кучето убаво напредуваше.

Но, селаните ми велеа дека тоа е волк и треба да го убијам, бидејќи ќе се случи големо зло. Како можев да ги послушам кога толку многу го засакав кучето?

Тоа стана снажно и големо, а јас кога и да заборавев нешто во село, слободно го праќав да ми го донесе. Беше многу паметно куче и ми помагаше при чувањето на овците.

Едно доцно летно попладне, времето беше ведро, но воздухот беше тежок, како да ќе врне. Влегов во колибата на планина, во која беше и плотот за овците, кои одмараа на сенката под дрвата. Штом легнав на креветот, очите веднаш ми се затворија.

Не знам колку долго лежев, кога наеднаш нешто ме разбуди. Некое ’ржење. Сè беше чудно, па не знаев дали спијам или сум буден. Сепак, станав да видам што се случува. Вратата на колибата беше свртена на западна страна.

Во насока на сонцето, лежеше моето куче. Муцката му беше целата крвава, а сонце му светеше во очите. Како наместо очи, да имаше две жарчиња. Целата глетка со крвта и месото што уште му стоеше на муцката изгледаше нереална. Веднаш сфатив што се случило...

Мирно и ладнокрвно влегов во колибата, ја земав пушката и излегов.

Полека ја подигнав и нишав во главата на мојот волк. Тој не се ни помрдна. Како да ја почувствува кривицата што ја прокоцка мојата доверба. Го повлеков чкрапецот и тој падна.

Потоа, отидов во селото по некој селанец и кола. Малку ми беше срам што порано не ги послушав селаните. Кога ние ги товаравме телата на овците, сонцето веќе заоѓаше.

Можете да замислите колку се запрепастив кога помеѓу овците пронајдов три леша на волци и на една волчица! Срцето ми се стегна, а очите ми се наполнија со солзи... Го убив својот вистински пријател. Се посомневав во ѕвездата на небото...

Од тогаш поминаа 60 години, а јас сликата сè уште не можам да ја заборавам, исто како денес да се случило тоа. По сето што се случи, се повлеков во себе. Зборовите без волја ми излегуваа од устата. Бев многу внимателен. Јасно ми беше дека во мојата душа веќе нема место за какво било осудување, за кој било.

Цената за тоа беше висока, а никој не ни праша дали сакам да купам такво искуство...

 

 

Извор: Идивиди

15.01.2014 - 16:23

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега