Кирков: Во Зоолошка пронајдено уште едно мртво животно при вонреден инспекциски надзор

 


-Скопската Зоолошка градина во Скопје последниве три години е место каде умираат животни во сомнителни околности. Зоолошката е веќе позната како куќата на стравот, а досега за тоа никој не понесе одговорност. За време на директорувањето на Зоран Попов, кадар на Данела Арсовска, угинаа повеќе од 40 животни, се случија големи инциденти, а од Попов не видовме и не слушнавме ниту збор, а камоли одговорност, изјави Стефан Кирков, советник пд ВМРО -ДПМНЕ на Град Скопје, на прес конференција.

-Последниот од низата немили настани е угинувањето на седум Берберски овци, истите се претпоставува дека се отруени од храна која им е дадена од вработени во институцијата. Според информациите, храната не е дел од таблицата на исхрана која овие животни треба да ја консумираат. Па оттука, се поставува прашањето, зошто е дадена оваа храна на животните и кој тоа го одобрил? При вонредниот инспекциски надзор од инспекторите на АХВ затекнати се овие мртви животни и веднаш е постапено кон процедура за утврдување на причините на смртта при што во тек е обдукцискиот наод. Според нашите сознанија, сосема случајно при овој вонреден инспекциски надзор е пронајдено и уште едно мртво животно за кое се претпоставува дека имало обид да биде скриено од инспекторите и од јавноста.

Оттука прашуваме, дали е пронајдено мртво животно, поточно мртов мајмун од расата патас? Дали истото веднаш е земено од страна на инспекторите на АХВ и Ветеринарниот факултет за вршење на обдукција? Зошто се молчеше за смртта на овие животни и зашто се крие од јавноста? Скопјани заслужуваат да ја знаат вистината за секое едно животно кое е дел од скопската Зоолошка градина.

Како партија и како советничка група на ВМРО – ДПМНЕ во Советот на Град Скопје бараме директорот Зоран Попов веднаш да си поднесе оставка. Ги повикуваме сите надлежни институции меѓу кои МВР, јавното обвинителство, АХВ, Ветеринарниот факултет веднаш да влезат во оваа установа и да постапат според законот. Ниту Попов, ниту Данела Арсовска не смеат да го уништуваат и она малку што остана од скопската Зоолошка градина. Никој не е над законот и нема право да си поигрува со животот на животните во скопската Зоолошка градина, изјави Кирков.

18.02.2025 - 13:06

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега