ФОТО: Албанскиот театар во Скопје по цели 40 години ќе блесне во ново руво

Објектот во кој е сместен Албанскиот театар-Скопје по 40 години постоење ќе биде темелно реконструиран. Денеска премиерот Никола Груевски заедно со министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска и вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери го означи стартот на реконструкцијата.

Премиерот Груевски во своето обраќање истакна дека и овој театар во изминатите години работел во услови на дотраеност и руинираност кои не ги задоволуваат основните критериуми на дејноста и поради тоа Владата одговорила на неговите потреби со проект за темелна реконструкција: - За оваа намена Владата издвои околу 500 милиони денари или околу 8 милиони евра со кои ќе се реализира најобемниот проект од основањето на Албанскиот театар во Македонија. Ќе се интервенира во  архитектурата, ентериерот, акустиката, сценската технологија, аудио и видео системите, термотехничките и електричните инсталации, хидротехничките инсталации или, со еден збор, ова ќе биде еден сосема нов лик на оваа установа, што е блиску до речиси нова изградба.

Нагласи дека има и други проекти со кои се негува албанската култура, како отворањето на Музејот на албанската азбука  со постојана поставка  во Битола, театар во Куманово како посебна единица во Центарот за култура, поддршката за Институтот  за духовно наследство на Албанците и постојаната поддршка на изданија на албански јазик, фестивали и манифестации од образованието и културата.

Од своја страна и Џафери истакна дека Албанскиот театар е најважниот храм на албанската култура во Македонија и додаде дека реконструкцијата ќе придонесе за натамошно развивање на културата, а посебно на театарската уметност на Албанците во Македонија. 

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска подвлече дека значајно за зградата што ќе се реконструира е тоа што е прв ѕидан театарски објект изграден во Скопје по земјотресот во 1963 година.

- Албанскиот театар остави заначен белег за културата и историјата во Македонија и уметниците од овој театар заслужуваат да работат во најсовремени услови. Ќе има сосема нов објект. Стариот ќе се сруши, ќе останат само темели и објектот ќе се гради на основната плоча на театарот. Се надевам дека ќе се одржи динамиката и во септември следната година ќе го отвориме со нова претстава, изјави министерката за култура.

11.01.2014 - 13:59
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа