Чешкиот хеликоптер и словенечките пожарникари ќе гаснат на Готен

 

Во текот на денешниот ден на територијата на државата има вкупно 15 пожари на отворен простор од кои четири се активни, четири се ставени под контрола, а седум се целосно изгаснати. Се уште најголем проблем ни задава пожарот на планината Готен кој има два крака едниот кон радовишката страна, а вториот кон беровската страна во чие гаснење вечерва ќе бидат ангажирани и чешкиот хелипотер и пожарникарите од Словенија, рече попладнево на прес-конференција директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.

-Во 18 часот на скопскиот аеродром ќе слета еден хеликоптер „Блек хок“ од Чешка со големо ведро од 3,4 тони вода, а на пат кон Македонија се тргнати 62 пожарникари од Словенија со 18 специјални противпожарни возила кои доцна во ноќта ќе пристигнат во Берово. И хеликоптерот и словенечките пожарникари ќе бидат упатени на гасење на големиот пожар на планината Готен од беровската страна. Во текот на утрешниот ден ќе упатиме и други национални сили и ќе се фокусираме на овој пожар, бидејќи на останатите места состојбата е благо релаксирана. Помош ни понуди Австрија со 80 пожарникари и Франција со 50 пожарникари, рече Ангелов.

Што се однесува на кракот што се движи кон радовишката страна, посочи, тој ги загрозуваше селата Подареш, Јарболица, Злеово и други во подножјето на планината Готен на западната страна, од страната на Радовиш.

– Рано изутрина бев на терен и пожарот благодарение на силите кои се таму стационирани, но и локалното население кое масовно излезе, е ставен под целосна контрола. За жал на некои места има движење на пожарот на овој крај кон едно од овие радовишки села. На местото од радовишка страна се наоѓа еден хеликоптер на МВР кој од раните утрински часови дејствува полнејќи вода од браната на селото Злеово и значително помогна пожарот да биде ставен под целосна контрола, кој сега повторно се разгорува на едно место на овој крак, појасни Ангелов.

Тој рече дека на терен се и специјализирани возила на Дирекцијата за заштита и спасување и тоа шест пинцгауери од страната на Радовиш, четири БТР и четири хермелини поставени стратешки над и во селата за да направат водена препрека, а од страната на Радовиш на планината Готен дејствуваат 60 припадници на Армијата со 30 припадници на полицијата.

– Од беровската страна се распоредени 40 припадници на Армијата и 25 припадници на специјалните полициски единици, а денес е ангажиран и тим од 18 припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, кои даваат поддршка на локалните пожарникари од Берово. Во Берово синоќа во 21 часот се одржа седница на кризниот штаб на општина Берово, на која присуствував за да слушнам од градоначалникот и останатите присутни што е тоа што може да биде подобрено. Во Берово ќе биде упатена и меѓународната помош која денеска доаѓа во државата, истакна Ангелов.

Пожар, кој е специфичен за гасење има и на територијата на општините Прилеп и Кавадарци меѓу селата Царевик, Смоларе, Радобор и Трн и Трстеник. Ангелов појасни дека таму гори мешана шума и ниско стеблеста вегетација, а дејствува еден авион „ер трактор“ на ДЗС и четири пинцгауери.

– Третиот активен пожар е на територијата на општина Македонски Брод меѓу селата Црешево, Локвица и Крапа. На овие пожари дејствува еден пинцгауер, еден хермелин на ДЗС и 20 припадници на Армијата. Четвриот активен пожар е на територијата на општина Прилеп, кај селото Пешиште, кој има еден крак, другиот крак е кон селото Градешница во општина Новаци, а третиот крак се простира во насока на Грција. Двата крака на македонска територија се ставени под целосна контрола. На пожарот кај Пешиште дејствуваат и шест луѓе со две теренски возила на Национални шуми и неколку локални пожарникари. Генерално во гаснењето на овој пожар се ангажирани колу 200 припадници на Армијата и 50 припадници на полицијата, додаде Ангелов.

29.07.2025 - 17:52

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега