Фицо: Велика Британија платила активисти да влијаат на словачките избори
Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска изјави дека Министерството за надворешни работи, Комонвелт и развој на Велика Британија платило на политички влијателни лица преку медиумска агенција за да влијаат на општите избори во Словачка во 2023 година, на штета на неговата партија Смер-СД, а во корист на Прогресивна Словачка (ПС).
– Дошло до целна, намерна активност на странска сила, која е наш сојузник во НАТО, во соработка со некои словачки новинари и во соработка со некои словачки политички влијателни лица, со цел да се влијае на изборите во 2023 година, рече Фицо на прес-конференција, наведувајќи информации објавени на порталот Marker.sk.
Тој додаде дека британското Министерство за надворешни работи потпишало договор со агенција во вредност од речиси десет милиони евра.
– Оваа агенција требало да бара влијателни луѓе, политички активисти во земјите од Централна и Источна Европа и да влијае на настаните во тие земји, изјави Фицо.
Тој наведе дека портпаролот на британското Министерство за надворешни работи не ги демантирал овие информации, туку само рекол дека ќе се „борат за демократија, човекови права и владеење на правото“.
– Наш интерес не е ескалација на односите, туку разјаснување на ситуацијата, додаде Фицо.
Словачкиот министер за надворешни работи, Јурај Бланар, најави дека од британскиот амбасадор во Словачка ќе „бара објаснување на сите детали“, а доколку не добијат објаснување, ќе бидат преземени понатамошни чекори.
Државниот секретар на словачкото Министерство за надворешни работи, Марек Есток, најави дека Словачка ќе се обрати и до Европската унија по ова прашање, односно дека прашањето ќе биде покренато во рамките на Советот на ЕУ за односите меѓу ЕУ и Велика Британија.
Порталот Marker.sk објави дека британската влада „тајно финансира стотици странски инфлуенсери чија работа е да креираат политичка пропаганда на YouTube“, повикувајќи се на наодите на британската истражувачка платформа Declassified UK. Тие наведуваат дека работата наводно ја координира медиумската агенција Zinc Network со седиште во Лондон.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа