ВМРО-ДПМНЕ: Пожарите во Македонија се смислено сценарио на СДС и луѓе блиски со нив
Македонските служби, во повеќе наврати, утврдија дека пожарите кои ја зафатија Македонија, не се случај на природна непогода, туку дека се подметнати од човечки фактор. И за тоа постојат јасни и непобитни докази, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
„Исто така, како и што до сега пишувавме, постоеја основани сомневања дека зад овие намерно потпалувања и предизвикување пожари, стојат структури блиски до СДС.
Сомнежите кои изминатиот период беа покренати се потврдуваат како вистинити.
Лицето А.Н. кој бил возач на поранешниот претседател на СДС, Зоран Заев, е уапсен заради подметнување пожар во струмичко. Против него е поведена истражна постапка за тешко загрозување на општата сигурност со пожар во Струмица и побаран е притвор.
Ова е доказ дека пожарите во Македонија се смислено сценарио на СДС и луѓе блиски со нив, со цел создавање нестабилност и хаос во државата, а потоа да се обвинат институциите дека не можат да се справат.
Тоа што човек близок до Заев, односно негов возач, ги подметнувал пожарите отвора сериозно прашање кое бара неодложен одговор. А тоа е, каква е вмешаноста лично на претседателот на СДС, Венко Филипче имајќи ја во предвид неговата блискост со Заев?
Исто така, се отвораат дилемите, дали во СДС има организирана група за подметнување пожари, со крајна цел предизвикување паника и хаос во државата.
Со оглед на тоа што човек од најблиското опкружување на Заев, кој сеуште од сенка управува со СДС, пали и предизвикува пожари, не е прашање само дали, туку колкумина партиски ликови се дел од мрежа и организирана структура на пиромани?
Затоа Филипче има само една опција. Ако и тој заедно со Заев не стои зад пожарите, не го поддржува и не е дел од евентуална организирана структура, јавно да се огради и да се откаже од него, наместо како до сега да биде негов потрчко, извршител и чувар на претседателското столче во СДС.
Но, и покрај ваквите намерни палења и постојани разгорувања на пожарите, институциите со сите сили и ресурси се борат и состојбата се става под контрола.
За разлика од земјите во регионот каде што беснеат по десетици и стотици пожари кои голтаат се пред себе, каде што има значителни материјални штети, изгорени стотици хектари површини, куќи, раселени цели села, илјадници евакуирани граѓани, загубени животи, десетици повредени, во Македонија има само материјална штета, во форма на изгорени шумски површини, кои природно се обновуваат.
Во борбата против пожарите во Македонија, ангажирани се сите расположливи сили, пожарникари, припадници на Армијата, хеликоптери, теренски возила, доброволци и сите вложуваат натчовечки напори.
А, ваквата мобилизација и навремена реакција на институциите, доведе до тоа во Македонија вчера да бидат активни три пожари, а пет да бидат под контрола.
Додека за намерно предизвикувачите на пожарите, како возачот на Зоран Заев, одговорност мора да има. Ги повикуваме институциите да го казнат со најстрога казна и во исто време да истражат до каде води линијата на наредба“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа