Општина Припеп нуди парцели за изградба на семејни куќи и зграда
Во најновата објава за продажба што ја објави општина Прилеп се нуди градежно неизградено земјиште кое нуди парцели за семејни куќи и за стамбена зграда.
Менде Зајкоски, раководител на Одделението за управување со градежно земјиште информира дека парцелите за продажба се нудат на три локации.
- Се нудат пет парцели, просечно од по 440 метри квадратни во идната модерна населба Градина и дозволена површина за градба од 150 метри квадратни со приземје, два ката и потпокрив. Таму условот е задоволување на критериумите за енергетска ефикасност. Се продава и една парцела за семејни куќи од 500 метри квадратни во прилепското село Големо Коњари. Што се однесува до градежната парцела за станбена зграда, таа е на 1.623 метри квадратни, наменета за станови во зграда од 13 ката, изјави Зајкоски.
Во оваа 10. објава се нуди и парцела од 1.020 метри квадратни за објект за спорт и рекреација. Почетната цена е едно евро за квадрат.
Според Зајкоски, интересот за градење е голем. Остануваат атрактивни парцелите во идната населба Градина, кај некогашните оранжерии во Прилеп. Од околу 400 таму се продадени 20, а сега се нудат уште пет парцели. Општина Прилеп почна со инфраструктурните работи за обликување на населбата.