Министерот Попоски на средби со Совндал и Вамен
Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска, во рамки на посетата на Кралството Данска, оствари одвоени средби со неговиот колега Вили Совндал и со министерот за европски прашања Николаи Вамен.
Шефот на дипломатијата Попоски информирал за постигнатиот напредок во реформите, политичката агенда на Република Македонија во процесот на ЕУ и НАТО интеграцијата, како и за конкретните напори за интензивирање и унапредување на односите и соработката со нејзините непосредни соседи.
На средбата со министерот Вамен акцент бил ставен на напредокот на Република Македонија во спроведувањето на реформите, како и на очекувањата од Јунскиот самит на Советот на ЕУ. Вамен изразил уверување дека Република Македонија ќе продолжи со реализирањето на реформите и воедно ја реафирмирал данската поддршка, политичка и техничка, во процесот на интеграција на Македонија во ЕУ.
Во своето излагање Попоски истакна дека Македонија нема друга алтернатива освен да го следи патот кон членство во ЕУ. - Тоа е патот кој се создава последните 20 години и кој има консензуална поддршка од сите политички субјекти, како и непоколеблива поддршка од граѓаните. Во случајот на Македонија, Копенхашките критериуми одиграа клучна улога во трансформацијата на земјата. Наш императив беше да се изгради општество со стабилни институции кои гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права, почитување и заштита на малцинствата и создавање на функционална пазарна економија, општество кое може да придонесе за европскиот развој и просперитет, напомена Попоски.
ФОТО: Денешен