Охридските улици ќе се “препородат“

Општина Охрид со средства обезбедени преку кредит од Светската банка планира да реализира повеќе проекти во областа на инфраструктурата, предвидени со плановите за работа на одделните сектори и одделенија за тековната година.

Охридскиот градоначалник Никола Бакрачески објасни дека станува збор за инвестиции во реконструкција и изградба на улици и сообраќајници, атмосферски канализации, водоводни системи, реконструкција на образовни објекти, односно за проекти предвидени да задоволат одредени фундаментални потреби на граѓаните.

- Досега општина Охрид немала постапка што би била блиску до создавање услови за добивање кредит од Светската банка, од проста причина што досега немало изработени издржани проекти. Светска банка одобрува средства за конкретни проекти, целосно сработени и со обезбедена целосна потребна документација. На општо задоволство на сите граѓани на Охрид, можам да кажам дека најголем дел целосно комплетирани проекти веќе се предадени до Светска банка, со исклучок на два три проекти чија финализација е во тек, рече Бакрачески изразувајќи уверување дека за сите предвидени проекти за 2014 година ќе бидат обезбедени потребни финансиски средства.

Бакрачески нагласи дека средствата што се добиваат од Светска банка не подлежат на регулативата за тендерски ограничувања во изборен процес, така што најави дека веќе од март годинава општината ќе ги спроведе потребните процедури за почетокот на реализацијата на проектите да биде некаде во јуни.

Станува збор за средства во износ од некаде два милиони евра, обезбедени со гаранција на Министерството за финансии, според Бакрачески, обезбедени под поволни услови, со период на отплата од пет години и грејс-период од една година.

Конкретно, со тие пари предвидено е целосно да се реконструира улицата „Ристо Чадо“, две кружни сообраќајни решенија на крстосници на булеварот „Туристичка“, патот кон Рача, кон Лескоец, патниот правец Косел – Вапила - Ливоишта, улиците „Прва ударна македонска бригада“, како и повеќе улици низ населените места кои според анкета кај граѓаните се определни како приоритетни.

- Ќе пристапиме и кон изградба на водоводни мрежи Елешец – Елшани, во селата Лескоец и Велгошти, атмосферска канализација во Воска и Далјан, реконструкција на централната градинка и градинката „Развигорче“, се на се реконструктивни зафати во инфраструктурата во атмосферската и фекалната канализациска мрежа, додаде Бакрачески.

Што се однесува на најавените проекти во предизборниот процес, Бакрачески истакна дека прво ќе се реализира изградбата на современ покриен зелен пазар со шопинг центар, проект за чија реализација тендерската постапка ќе стартува во текот на овој месец. Втор проект ќе биде замена на уличното осветлување со штедливи светилки, во рамки на програмата за енергетска ефикасност, со кој се предвидува градот да добие најсовремено осветлување во земјата, од проширување на осветлувањето до илуминација на парковите, културно-историските споменици, целосно ново осветлување на Стариот дел на Охрид.

За покриениот олимписки базен Бакрачески изрази увереност дека неговата изградба ќе стартува до крајот на 2014 година, оттаму што во моментот се работи на основниот проект, со забелешка дека целосно изградбата на спортскиот базен ќе се реализира со средства обезбедени преку Агенцијата за млади и спорт. 

10.01.2014 - 13:33
Фото: 
Sitel.com.mk

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега