Уште шест месеци за регистрација на тракторите

 

Фармерите треба да ги регистрираат своите трактори до 1. јули. Заклучно со октомври 2013, вкупно 20.000 поднеле барања за докажување на сопственоста, најмногу во Тетово, Битола и Струмица.

Експертите сметаат дека бројката е голема и покажува дека повеќе од една третина од вкупниот број трактори биле без соодветна документација и нелегално се вклучувале во сообраќајот.

- Со регистрацијата, земјоделците добиваат право на сопственост и документи. Ќе можат да ги движат тракторите по сообраќајници, а не како досега да ги оставаат на нивите. Воедно, ќе се води сметка за нивната исправност што ќе ги намали незгодите кои годишно достигнуваат до 100 при што, освен трактористи, страдаат и деца, сметаат експертите.

Регистрацијата ќе овозможи механизацијата да се продава или заложува

. - Со новата вредност земјоделците ќе можат да се здружуваат во задруги и да формираат основен задружен капитал. Значајно е и што ќе ја засилат својата конкурентност за добивање повеќе бодови за конкурирање пред програмата за рурален развој каде се бодира и поседување земјоделска механизација, додаваат експертите, пренесува МИА.

Проценките покажуваат дека Македонија располага со 53.606 трактори од кои околу 30.000 се нерегистрирани, вклучувајќи ја и приклучната механизација, приколки.

Причина за големиот број нерегистрирани машини е нивното користење од времето на поранешна Југославија, добивањето трактори во наследство, купување без купопродажни договори,...

Од донесувањето на законските измени со кои постапката за легализација значително се поедностави, регистрирани се 8.000 трактори.

09.01.2014 - 10:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега