Владата со порадикални мерки против загадувањето

Доколку утре состојбата со загаденоста на воздухот не се промени, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе предложи порадикални мерки, информира денеска ресорниот министер Абдилаќим Адеми.

На денешната средба со претставници на невладини организации кои делуваат во областа на животна средина, тој посочи дека нема да донесат одлуки на штета на граѓаните.

- Загаденоста на воздухот е комплексна проблематика, бара повеќе координација, особено од државните институции на локално ниво и централната власт, како и со невладиниот сектор и граѓаните, рече Адеми, нагласувајќи дека за квалитетот на воздухот свое влијание имаат индустријата, сообраќајот, грејната сезона, метеоролошките и климатските услови.

Ана Чоловиќ - Лешоска од невладината „Еко свест“ предложи мерка за најизменично движење на возилата со парни и непарни броеви, но и целосна забрана на сообраќајот во централното градско подрачје, целосно запирање на градежните работи и забрана за користење калциум магнезиум ацетат во градежништвото.

Забраната на сообраќајот, според Адеми, во вакви услови ќе има минимално влијание, односно подобрување до два-три отсто, а истовремено се создаваат други жаришта.

- Идејата не е ова да се префрли на друга локација, туку да најдеме начин да се надмине проблемот, истакна ресорниот министер со апел до граѓаните да користат јавен превоз.

Антонио Јовановски  од „Гоу Грин“ побара поголема контрола на техничкиот преглед во однос на издувните гасови на јаглероден диоксид и воведување поголеми еколошки такси, но и враќање на фондот за животна средина. Смета дека освен со Министерството за животна средина треба да има поголема координираност со Министерството за внатрешни работи, општините и Градот Скопје.

Потсетувајќи на владините мерки, Адеми се осврна на порадикалните барања со кои се забрани работа на градежните работи од 11 до 17 часот.

- За индустријата нема да се пролонгира усогласувањето на оперативните планови по 1 април 2014 година. Со увозот на возилата со еуро 2 стандард се подобри возниот парк, рече Адеми забележувајќи дека претходно се возеа возила без никакви еколошки стандарди.  

Според информациите на УХМР утре и во среда ќе има промени на времето и се очекува подобрување на квалитетот на воздухот.

Ресорниот министер и претставниците на невладините организации заклучија дека за загаденоста не треба да се зборува само кога состојбата е лоша, туку во текот на целата година и оти треба да се направи стратегија за да не се повторува состојбата, како и да се работи на подигање на свеста кај граѓаните.

23.12.2013 - 13:28

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа