Синдикат на УПОЗ: Академици ги пцујат и навредуваат вработените што штрајкуваат за поголеми плати во МАНУ

 

Вкупно 36 вработени во техничката служба во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) го активираа штрајкот ставен во мирување во март 2023 година кога беше договорено до крајот на годината платите да им бидат покачени. Бидејќи и девет месеци по истекот на рокот платите не им се покачен, вработените ќе штрајкуваат на работните места и нема да извршуваат никакви работни задачи, со исклучок на архивата, која ќе прима пошта, сè до исполнување на единственото барање за покачување на платите. Лабораторијата во МАНУ нема да биде загрозена од штрајкот оти половина од вработените не се челнови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ) и не штрајкуваат.

Трпе Дејановски, претседател на Синдикатот на УПОЗ, ги обвини академиците и раководителите во МАНУ за притисок врз вработените да го спречат штрајкот.

„Академиците, наместо да седнат и да преговараат со Синдикатот, тие од периодот кога се активира штрајкот најмија адвокатска канцеларија преку која се одвива комуникацијата со вработените и која има една единствена задача, а тоа е да ги заплаши вработените и да најде начин како да го забрани штрајкот. Исто така, некои од академиците, раководителите на организациските единици при МАНУ, кога беше најавено активирањето на штрајкот, веднаш почнаа со закани кон вработените дека ќе бидат избркани од работа, а одредени раководители со пцости и навреди почнаа да им се обраќаат на вработените, што не им прилега на титулата академик. Да им порачам дека секој што ќе врши притисок и ќе се заканува, ќе биде објавен со име и презиме, без разлика за кого станува збор и каква функција извршува во МАНУ“, рече претседателот на УПОЗ, Дејановски.

Тој јавно го потсети раководството на МАНУ дека со спогодбата, со која во март 2023 година штрајкот беше ставен во мирување, тие презеле обврска до 31 декември 2023 година да ги зголемат платите на вработените. Но, наместо поголеми плати за техничката служба, тие ангажираат адвокатски канцеларии и бараат надворешни ресурси од фирми што ќе ги заменат вработените.

„Се ангажираат адвокатски канцеларии, кои за неполн час давање совети наплаќаат половина од средствата за плата на повеќето од овие вработени. Наместо да настојуваат за добивање средства за достоинствени плати како во другите високообрзовни институции во државата, не се бараат овие средства, а се обезбедуваат пари во потребен износ за други исплати кон други вработени во МАНУ и за академиците. Да биде притисокот уште поголем за секого од нас, веќе се донесени одлуки за ангажирање надворешни ресурси од фирма, која би требало да ги замени вработените, а некои од нив веќе почнаа да извршуваат работни задачи“, рече синдикалецот Дејановски.

Претседателот на Синдикатот на МАНУ, Блажо Вујовиќ, кажа дека најниската плата во МАНУ е 21.700 денари, а другите се 50 отсто помали во споредба со платите во другите научни институции. Токму поради ниските плати, во последните 15 години Вујовиќ вели дека нема пријави на огласите за вработување.

Во решавањето на проблемот со платите, од МАНУ побараа да се вклучи и Собранието како основач на институцијата.

 
03.09.2024 - 13:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега