Скопје: Маж со возило пробал да ја прегази сопругата - па ја истепал

 

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

При вршење семејно насилство осомничениот 41-годишник телесно ја повредил неговата сопруга. Најпрво, во алкохолизирана состојба, ја натерал веднаш да одат и од банкомат да извадат пари од нејзината плата за да купи дрога. Оштетената го послушала, но враќајќи се назад кон нивниот дом, тој започнал вербална расправија, го запрел возилото и и кажал да излезе. Откако излегла, започнал да го врти возилото со намера да ја удри. Бидејќи не успеал, го запрел возилото, тргнал кон оштетената по што и го одзел  мобилниот телефон за да провери со кого разговарала. Во еден момент и физички ја нападнал, удирајќи и шлаканица и нанесувајќи и удари во пределот на лицето и вратот, од кои удари оштетената се здобила со телесни повреди изразени во вид на нагмечувања на лицето, на вратот и на раката.

Ценејќи ги сите околности, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка предложи да определи мерка на претпазливост – забрана за осомничениот да се приближува или воспоставува, односно одржува контакти или врски со жртвата.

17.06.2025 - 19:34

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега