Се уште не им доаѓа памет: Казнети 1148 возачи - 128 лица немале возачка
Викендов во рамки на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1148 издадени платни налози, 128 прекршоци се однесуваат на возачи кои учествувале во сообраќајот без возачка дозвола. Кај 115 возачи при извршен алкотест било утврдено недозволено количество алкохол и тие се исклучени од сообраќај, додека 46 возачи на моторцикли се санкционирани заради неносење заштитен шлем.
Како што информира МВР, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, 458 прекршоци во текот на викендот се однесуваат на непочитување на пропишаната брзина на движење, 175 за недозволено паркирање, додека прекршочно се казнети уште 28 лица кои некористеле сигурносен појас. Вкупно 17 лица се казнети поради користење мобилен телефон при возење, тројца возачи минале на црвено светло, а прекршочни санкции добиле и двајца пешаци и тројца возачи на електричен тротинет.
Согласно Законот за возила, 31 возило било отстрането поради тоа што биле нерегистрирани, а три возила се исклучени поради техничка неисправност.
- Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта, се наведува во соопштението од МВР.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа