РКЕ: Поевтинува мазутот

 

Мазутот од ноќеска на полноќ поевтинува за 1,101 денари за килограм, а цената на другите горива останува иста, одлучи денеска Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,48 отсто.

Новата малопродажна цена на Мазутот М-1 НС ќе изнесува 44,656 денари за килограм, ЕУРОСУПЕР БС-95 и понатаму ќе се продава за 81,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 за 83,5, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 74, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 72,5 денари за литар.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 1,072 отсто, кај дизелот за 1,94, кај екстра лесното масло за 2,096 и кај мазутот намалување во просек за околу 3,565 отсто. Курсот, пак, на денарот во однос на доларот е за околу 0,2688 отсто повисок од курсот на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка.

26.07.2024 - 16:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега