Графитите избришани, сторителите непознати, насликана нова содржина на монументот на гостиварскиот кеј
Монументалното обележје кое вчера беше испишано со графити и навредливи содржини од денеска е повторно разубавено и обновена е првичната содржина со натпис на кирилица, глаголица и мотиви од државното знаме.
- По сквернавењето на првичниот цртеж со македонското знаме и азбуката, за што изразив најостра осуда и чувство на разочарување, како иницијатори на идејата одлучивме да поставиме дизајнирана конструкција со истата тематика и на тој начин да ја заштитиме од евентуално оштетување, вели Ема Нешковска советник во советот на општина Гостивар.
Таа посочи дека намерата за достоинствено оддавање почит кон делото на браќата Кирил и Методиј, на државните симболи и македонското знаме ќе биде почитувана и од останатите заедници и институции.
Непознати сторители со пишување на графити со навредлива содржина и говор на омраза ги оштетија првичните пораки.
Иницијаторите, во рамки на одбележувањето на 24 Мај, денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј од локалната самоуправа доби одобрение да го искористи монументалното обележје на кејот да го бојоса и испише пригодни пораки. Вчерашниот случај, како што наведува Нешковска е пријавен во полиција и побара откривање на сторителите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа