Тошковски: Дисциплинска постапка за четири полицајци
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди достави предлог за утврдување на дисциплинска одговорност за четири лица – полициски службеници од ПС за ОН Делчево при СВР Штип, соопшти техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски на социјалната мрежа Фејсбук.
Одделот постапувал по доставена анонимна пријава за случена сообраќајна незгода во која како учесник се јавува малолетно лице, притоа учесникот во сообраќајната незгода и неговата мајка – поранешен заменик командир на ПС за ОН Делчево дале изјава дека повредата настанала при поместување на мотор, а не при случена сообраќајна незгода.
„Од страна на полициските службеници од ПС за ОН Делчево при постапување за сообраќајната незгода направени се повеќе пропусти и притоа тие постапиле спротивно на Колективниот договор на МВР. Дежурниот полицаец Д.М. при примањето на пријавата од страна на доктор, не изготвил службена белешка за примена пријава и настанот не го евидентирал во Книгата за евиденции.
Полициските службеници И.Д и В.Г. по пријавениот настан за сообраќајната незгода не извршиле разговор со докторот за видот на повредите и не го документирал настанот со цел поднесување соодветен поднесок против учесникот во сообраќајната незгода. Додека, полицискиот службеник Л.А. издала наредба за полициските службеници, настанот да не се заведува во службената евиденција, бидејќи согласно нејзино наоѓање, не станувало збор за сообраќајна незгода“, напиша Тошковски на ФБ.
16.04.2024 - 10:09
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа