Зеленски: Подготвен сум за договор со САД за ретките метали
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Киев е подготвен да постигне договор со американскиот претседател Доналд Трамп за тоа Украина да ги снабдува САД со ретки метали во замена за финансиска поддршка во конфликтот против Русија.
Ако зборуваме за договор, ајде да направиме договор, ние сме за тоа, рече Зеленски во рзговор со Ројтерс.
Тој нагласи дека Украина треба да добие безбедносни гаранции од сојузниците како дел од секој договор.
Зеленски рече дека помалку од 20 отсто од минералните ресурси на Украина се под руска окупација, вклучително и околу половина од нејзините наоѓалишта.
„Треба да го запреме Путин и да го заштитиме она што го имаме, многу богатиот регион Днепар, централна Украина“, рече Зеленски.
Ретките земјени метали се важни за производство на магнети со високи перформанси, батерии за електрични мотори, како и електроника за широка потрошувачка, забележува агенцијата.
Зеленски рече дека Русија може да ги обезбеди овие ресурси на своите сојузници, имено Северна Кореја и Иран.
За време на интервјуто, Зеленски ја отвори картата на Украина на која се прикажани наоѓалиштата на овие метали, истакнувајќи дека Украина ги има најголемите европски резерви на титаниум, неопходни за воздухопловната и вселенската индустрија, како и ураниум, кој се користи за нуклеарна енергија и оружје.
Според таа карта, околу половина од наоѓалиштата се на руската страна на сегашните линии на фронтот, при што многу од наоѓалиштата на титаниум се наоѓаат на северозападот на земјата, далеку од борбите.
Украинскиот претседател нагласи дека Киев не предлага „подарок“ на ресурси, туку нуди „заемно корисно партнерство“.
Зеленски, исто така, рече дека Русија детално знае каде се клучните ресурси на Украина благодарение на геолошките истражувања од советската ера, кои беа префрлени во Москва кога Украина се отцепи од Советскиот Сојуз.
Тој изјави дека Киев и Вашингтон разговараат за складирање на американскиот течен нафтен гас (ТНГ) во складиштата во Украина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа