Последното возење на една старица - приказна која ќе ве расплака

Стигнав на адресата и свирнав. По неколку минути чекање, повторно свирнав. Бидејќи ми беше последното возење во смената, помислив да одам, но го паркирав автомобилот, излегов од него, дојдов на вратата и заѕвонив.

„Само момент“ – ми прозборе рапав, старечки глас. Слушнав како нешто се влече по подот. 
По подолга пауза, вратите конечно се отворија. Пред мене стоеше една ситна жена од околу 90 години. Беше облечена како штотуку да беше излегла од некој филм од 40тите години. Покрај неа, стоеше најлонска кеса. Станот изгледаше напуштено, а целиот мебел беше покриен со чаршави.

Немаше часовник на ѕидовите, ниту филџани за кафе. Во аголот стоеше картонска кутија со фотографии и стаклени предмети.

„Можете ли да ја однесете кесата до автомобилот?“ – ме праша. Ја однесов кесата и се вратив да и помогнам да влезе во автомобилот. Ме фати за рака и полека чекоревме.

Постојано ми се заблагодаруваше на љубезноста „Нема на што“ – и одговорив. „Сакам да се однесувам кон своите патници онака како што би сакал луѓето да се однесуваат кон мојата мајка“. „Ти си толку добар млад човек“ – ми рече.

Кога влеговме во колата ми ја даде адресата и праша дали може да се повозиме низ градот. „Тоа баш и не е најкраткиот пат“ – и одговорив. „Мене никаде не ми се брза, одам во старечкиот дом“. – ми рече.

Погледнав во ретровирот и очите и се насолзија. „ Не ми остана веќе никој од семејството. Докторот ми рече дека не ми преостанува уште многу време“. Полека се наведнав и го исклучив таксиметарот.

„По кој пат сакате да возам?“ – ја прашав. Следните два часа ги поминавме возејќи се низ градот. Ми ја покажа зградата во која некогаш работела. Се возевме низ соседството каде живеела со својот маж веднаш по венчавката. Поминавме покрај салонот за мебел, кој некогаш бил сала за игранки.

Повремено ќе ме замолеше да застанам пред некоја зграда или агол и само зјапаше во мрачната далечина, без да изговори ниту збор. Кога првиот сончев зрак го осветли хоризонтот, ми рече дека е уморна и дека сака да тргнеме.

Се возевме во тишина до адресата која ми ја даде. Тоа беше една ниска зграда.
Двајца постари луѓе излегоа надвор штом стигнавме. Тоа беа нејзините старатели кои пазеа на секој нејзин чекор. Сигурно ја очекувале. Од багажникот ја извадив нејзината кеса и ја однесов до вратата.

„Колку ви должам?“ – ме праша, вадејќи го паричникот. „Ништо“ – и реков. „Но и вие мора да живеете од нешто“ – ми одговори. „Има и други патници“ – и возвратив.

Без никакво размислување се наведнав и ја гушнав. Цврсто се припи до мене велејќи „ја усреќивте оваа старица за момент. Благодарам.“ И ја стиснав раката и заминав. Зад мене се отвори врата. Звучеше како да се затвара живот.

Во таа смена не собрав ниеден друг патник. Бесцелно возев, изгубен во мислите. Во остатокот од денот едвај можев да изустам збор. Што ако на старицата и се погодеше некој нетрпелив возач кој едвај чека да ја заврши смената? Што ако го одбиев повикот за тоа возење? Од друга страна, мислам дека никогаш во животот немам направено поважна работа.

Извор: Магазин.ба

15.12.2013 - 12:02
Фото: 
бркајработа

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега