Ужасни фотографии по руското гранатирање: Згради срамнети со земја, се трага по преживеани

 

 

Украинските власти соопштија дека во руското гранатирање на украинските градови загинале 12 лица.

Во градот Умањ загинале 10 луѓе, а 18 се повредени, соопшти министерот за внатрешни работи на Украина, Игор Клименко.

Шефот на регионалната управа на Черкаси, Игор Табурц, изјави дека меѓу загинатите има и две 10-годишни деца. Клименко претходно изјави дека во нападот на реките Днепар загинала жена со тригодишно дете, а повредени се уште три лица.

Олена Зеленска, првата дама на Украина, објави неколку фотографии од станбена зграда погодена од руски проектил. Умањ се наоѓа на околу 215 километри јужно од Киев.

„Русите намерно уништија дел од станбена зграда. Луѓето се под урнатините. Ова е толку страшно што изгледа како паралелна реалност. Луѓето не можат да им го прават тоа на другите луѓе. Но, Русите можат. Моето сочувство до семејствата на жртвите. Одмаздата сигурно ќе дојде – напиша таа.

Според Табурц, две лица се повредени во Украинка, во регионот на Киев.

Руските сили синоќа го гранатираа и Киев, а експлозии се слушнаа и во Кременчук и Полтава, во централна Украина и во Миколаев, на југот на земјата, пренесува Интерфакс Украина.

Командантот на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни објави дека вооружените сили на Украина собориле 21 од вкупно 23 руски крстаречки проектили, како и два беспилотни летала.

28.04.2023 - 11:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега