Груевски во Брисел: Евроинтеграцијата е главен приориет и стратешка цел на Македонија

Премиерот Никола Груевски на синоќешниот настап во рамки на европската канцеларија на германската фондација “Конрад Аденауер” во Брисел одржа говор пред преставници на Европската унија, амбасадори, дипломати, новинари од светски медиуми.

- Две недели пред Самитот на Европскиот совет, сакам да говорам за сегашната состојба меѓу Европската унија и Република Македонија. Пред четири години, Европската комисија јасно обзнани дека Македонија е подготвена да ги почне пристапните преговори. До денеска, Советот ја игнорира оваа препорака. Додека Македонија се соочува со опструкции, ЕУ се менува. Границите се шират во постојана потрага по решенија за финансиската и економска криза. За четири години. Унијата различно функционира - истакна на почетокот на својот говор првиот човек на македонската Влада, пренесе МИА.

Груевски пред присутните истакнал дека Европската интеграција на Македонија е главен национален приоритет и стратешка цел на земјата и дека постојано го слушаме аргументот дека Македонија не може да ги почне преговорите за членство поради тоа што ЕУ сака да има чисто досие и да го зачува мирот во куќата. Унијата не треба да чека повеќе да ги почне пристапните преговори со нас оти отворањето на преговорите ќе биде катализатор за решавање на прашањето за името.

- Меѓународниот суд на правдата за прашањето за грчката блокада на македонското приклучување на НАТО одлучи дека тоа било нелегално и го прекршило билатералниот договор од 1995 година. Оваа одлука јасно ја оправдува нашата позиција и правото да го користиме уставното име на нашата земја, а ако сакаме да се приклучиме на меѓународни организации какви што се ЕУ и НАТО, да бидеме прифатени под привременото име со тоа што другата земја, нашиот јужен сосед, нема право да не блокира. Грција не постапи во согласност со пресудата на судот од Хаг, па се прашуваме што е улогата на меѓународното право? - запраша Груевски.

Во однос на економскиот развој, премиерот посочи дека Македонија е земја на економски успех оти од изолирана во почетокот на 90-тите години на минатиот век, разви една од најотворените економии на светот. Ваквите управувани реформи, според него, ја поддржаа борбата со домашните проблеми како корупцијата. Поради тоа, посочи Груевски, сега Македонија е рангирана во најдобрите 25 земји според листата “Дуинг бизнис” во извештајот на Светската банка, што е постигнато по бројните реформи што се направени последните седум години.

- Многу проекти направивме, а еден од позначајните е т.н. Регулаторна гилотина каде ги скративме и поевтинивме илјадниците бирократски процедури во земјата, работејќи заедно со Стопанската комора на земјата и со околу 300 компании од различна големина. Со прифаќањето на нивните идеи, сменивме стотици закони и скративме многу бирократски процедури и тоа помогна да се подобри бизнис-климата во земјата. На ист начин, направивме силно подобрување на многу институции во земјата и нашиот Централен регистар, кој беше создаден пред само 11 години кога јас бев министер за финансии, сега е рангиран од страна на Светската банка на првото место во Европа и на шеста позиција во светот. Создавање на фирма во Македонија сега се прави за нешто помалку од четири часа и може да се стори од било која точка на светот, само со користење на интернет, образложи Груевски.

Истакнувајќи дека сите ја разбираат политичката удобност што земјата-членка го ужива, Груевски посочи дека Македонија е прва во редот што има интерес од просперитетна, демократска и добро менаџирана Грција, која се поместува кон генерирање на позитивна енергија околу регионот. Тој рече дека земјите се многу економски меѓузависни и релациите меѓу народите и бизнисот се одлични и дека тоа е стратешки интерес на Македонија и дека ќе се работи за натамошно продлабочување, но дека за тоа е потребен партнер од југ и очигледно малку од европскиот вкус.

- Во моментов се соочуваме со ризик од нарушување на довербата на македонските граѓани во она што тие го доживуваат како кредибилна европска иднина. За превенирање на овој ризик ние мора да бидеме сигурни дека земјата следи кохерентен и фер третман од ЕУ, кој во нашиот случај е преведен во земја-членка и сосед. На нас ни треба јасна визија од тука, како ние можеме да го водиме овој процес за навремено и целосно завршување. Простото одлагање не е најдобрата опција во процесот на носење на одлуки, посочи Груевски.

Во однос на европските вредности, македонскиот премиер истакна дека не треба да се заборави дека суштината на Европската Унија не се блокадите, туку мирот, развојот и просперитетот, како водечки идеи на татковците-основачи. Овие идеи, според него, не може да се постигнат преку уценувања, туку преку соработка и почитување на разликите. Премиерот рече дека не треба да се заборави дека ЕУ не постои само за условеност и регулирање, туку дека Унијата е политичка идеја и мировен проект, кој не може да се заврши без интегрирање на сите земји од балканскиот регион, како историско огниште на Европа. бн/11:06 
            - Да се присетиме дека многу од земјите-членки на ЕУ се соочуваа со економски и политички превивања пред приклучувањето на Унијата, но не беа изоставени. Напротив, ЕУ им понуди помош на овие земји помагајќи им да се консолидираат, да се развијат и да пораснат. На Македонија и е потребна Европа за постигнување на долгорочна стабилност бидејќи интеграцијата има ефект на предвидливост и на средување на состојбите. Истовремено, колку тоа да звучи претенциозно, и на Европа и е потребна Македонија не само затоа што на тој начин ќе се зајакне кредибилитетот на ЕУ, туку и затоа што Македонија има што да понуди од своето културно-историско наследство за збогатување на европското културно миље. Македонија е Европа исто така - порача на крајот премиерот Груевски. 

10.12.2013 - 11:14
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега