На Клиниката за детска хирургија успешно оперирани 13 дечиња

Македонските доктори во соработка со свои американски колеги извршија неонатални операции на отворено срце на Клиниката за детска хирургија. Оперираните дечиња се чувствуваат одлично, а дел од нив се веќе пуштени на домашно лекување. 

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска ја посети Клиниката за детска хирургија, и изјави дека американскиот тим кардиолози, кардиохирурзи паралелно изведуваат кардиохирушки интервенции и во исто време и ги обучуваат македонските лекари: - Многу сум задоволен од досегашниот тек на проектот затоа што тимот наши лекари многу брзо се вклопи во целиот овој проект, нашиот тим брзо напредува и ги усвојува знаењата и се што е потребно за воспоставување неонатална кардиохирургија во Македонија. Во период од три години треба комплетно да биде осамостоен македонски тим кој ќе врши неонатални кардиохирушки интервенции. Потребата од нив се движи од 60 до 80 годишно можеби и нешто повеќе

Министерот посочи дека сите овие случаи беа испраќани за кардиохирушки интервенции во странство главно во Бугарија за што се одливале големи средства.

- На пример за 2012 година за оваа намена во Бугарија во нивниот кардиохирушки центар се платени околу 500.000 евра за околу 49 случаи. Оваа година во Бугарија се испратени само оние случаи кои не беше безбедно да чекаат во периодот меѓу две доаѓања на кардиохирурзите од САД и на тој начин заштедивме многу средства. Ова е историски проект кој го подигнува нивото на здравство во Македонија, претставува една нова ера во медицината во државата, истакна Тодоров.

Американскиот кардиохирург Марсело Кардели рече дека за овие две недели навистина е постигнат голем напредок.

- Целта на Американската фондација е да оставиме не само пријателство, туку и луѓе кои ќе го работат тоа во иднина. Задоволен сум од тимот со кој соработувам. Ова е еден компетентен тим, кој може во иднина да го работи тоа, додаде Кардели.

Владимир Чадиковски од Клиниката за детска хирургија рече дека имаат една успешна година и дека за жал, морталитетот изнесува околу осум проценти.

- Главно се работеше за деца со екстремна мала телесна тежина. Во последната сесија нема ниту едно дете починато. Верувам дека тој процент на смртност ќе биде се помал и помал, но се движиме во границите на тоа што се очекува во сите соседни држави, додаде Чадиковски.

Досега се извршени 49 неонатални кардиохирушки интервенции, од кои 90 отсто се новороденчиња (од 4 до 5 месеци), а паралелно се врши и едукација на македонски доктори од Клиниката за детска хирурхија, Детската клиника и КАРИЛ.

06.12.2013 - 14:42
Фото: 
Идивиди

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега