Измените на Законот за такси превозот пред пратениците
Пратениците и денеска се со полни раце работа. Попладнево заврши расправата за измените и дополнувањата на Законот за превоз во патниот сообраќај со кои треба да се регулира состојбата во такси превозот.
Таксистите ќе мора да имаат основни познавања на англиски јазик и да земаат патници од точно определени места, а исто така доколку таксист биде фатен како стои на место кое не е соодветно обележано, ќе треба да плати 500 евра глоба. Доколку го повтори прекршокот, ќе добие уште една казна и ќе му биде одземена лиценцата за работа.
Јани Макрадули од СДСМ рече дека предлог решението има смисла само доколку претходно бидат обезбедени доволно такси стојалишта. - Затоа, пред да почнете со казните, овозможете им услови за работа на таксистите, истакна Макрадули. Тој додаде дека и во Њујорк половина од таксистите не знаат Англиски. И Ивон Величковски од Либерална партија изрази сомневање дека законското решение ќе има позитивен ефект ако претходно не бидат утврдени такси стојалиштата.
Собранието ќе гласа по измените на попладневниот дел од седницата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа