Македонија главна тема на средбата Венизелос - Кери
Грчко-македонскиот спор за името бил главна тема на тет-а-тет разговорот меѓу Евангелос Венизелос и неговиот американски колега Џон Кери во Брисел, објавува денеска грчкиот весник „Та Неа“.
Според информациите на МИА од Атина, грчките медиумите не објавуваат детали за разговорот Венизелос-Кери.
Според дипломатски извори, Кери иницирал средба по говорот на Венизелос на работната вечера на министрите за надворешни работи на НАТО, на која се дискутираше за проширувањето на Алијансата, а во тој контекст и за Македонија.
Венизелос на вечерата истакна дека спорот за името не е билатерален, туку отворен меѓународен проблем. Тој повтори дека Грција целосно го почитува процесот кој се води под покровителство на генералниот секретар на ОН, преку Нимиц, за решавање на прашањето за името, „што во суштина е прашање на добрососедство , почитувањето на меѓународното право и стабилност во регионот“.
Дипломатски кругови во Атина коментираат дека Венизелос на Кери му ги повторил веќе познатите црвени линии на Грција: Македонија не може да влезе во НАТО под привремената референца ФИРОМ и време е Скопје да преземе чекори за решавање на прашањето за името. Атина постојано тврди дека таа направила се што е во нејзина можност, и оти сега е ред на Скопје, пренесува МИА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа