Во заклучоците на ЕУ за 23-24 јуни нема ни збор за Македонија и Бугарија

Во нацрт-заклучоците што треба да ги усвои Европскиот совет на 23-24 јуни се наведува дека предложената европска политичка заедница нема да ги замени постоечките политики на ЕУ.

Тоа значи и дека политиката на проширување нема да се промени, а земјите во процесот на евроинтеграција од Западен Балкан се повикани да продолжат со реформите и да ги решат отворените прашања, вклучително и дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Според нацрт-документот во кој имале увид од „Beta“ и „EURACTIV.rs“, Европскиот совет одржал „стратешка дискусија“ за односите меѓу ЕУ и нејзините партнери во Европа и го разгледал предлогот за започнување на европска политичка заедница.

Заедницата ќе им понуди на европските земји надвор од ЕУ координативна политичка платформа и ќе се однесува на Западен Балкан, придружните земји од Источното партнерство и други европски земји со кои ЕУ има блиски односи.

Целта би била да се забрза политичкиот дијалог и соработката за прашања од заеднички интерес со цел зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.

„Таквата рамка нема да ги замени, туку ќе биде комплементарна на постојните политики и инструменти на ЕУ, особено проширувањето, и целосно ќе ја почитува автономијата на ЕУ за одлучување“, се вели во нацрт-заклучоците.

Европската политичка заедница беше предложена и застапувана од францускиот претседател Емануел Макрон, кој вели дека таа го надополнува процесот на пристапување во ЕУ и не е нејзина алтернатива. Во заклучоците за Западен Балкан се наведува дека ЕУ ја изразува својата целосна посветеност на недвосмислена перспектива за членство на регионот во ЕУ и повикува на забрзување на процесот на евроинтеграција.

„Европскиот совет ги повикува Комисијата, Високиот претставник и Советот дополнително да промовираат прогресивна интеграција меѓу ЕУ и регионот за време на самиот процес на проширување на реверзибилен начин кој е заснован на заслуги“, се вели во документот. Истовремено, Европскиот совет ја нагласува важноста на реформите, особено во владеењето на правото и оние кои се однесуваат на независноста и функционирањето на судството и борбата против корупцијата.

Се повикуваат и партнерите од регионот да ги гарантираат правата и еднаквоста на малцинствата. Во нацрт-заклучоците се наведува и дека Европскиот совет ја потврдува итноста за постигнување опиплив напредок во решавањето на отворените билатерални и регионални спорови, вклучително и дијалогот Белград-Приштина за поддршка на нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово.

Европскиот совет, исто така, го поздравува политичкиот договор постигнат кај лидерите на Босна и Херцеговина претходно овој месец во Брисел, потребен за стабилноста и функционирањето на земјата.

Политичките водачи на БиХ се повикани брзо да ги спроведат своите обврски од договорот, што ќе и овозможи на земјата да постигне напредок на европскиот пат и кон кандидатски статус за ЕУ.

Засега, нацртот не кажува ништо за преговорите меѓу Бугарија и Македонија. Патот на Македонија кон ЕУ е попречен од билатералниот спор со Бугарија, кој ја погодува и Албанија, чијшто пристапен процес е поврзан со напредокот на Скопје.

Што се однесува до Украина, во документот се наведува дека биле разгледани различни димензии на руската агресија врз таа земја и се наведува дека Европскиот совет „цврсто стои“ со Украина и дека ЕУ ќе продолжи силно да ја поддржува нејзината економска, воена, социјална и финансиска отпорност, вклучувајќи и хуманитарна помош. Засега во документот не се наведени заклучоците во однос на апликацијата за членство во ЕУ на Украина, Молдавија и Грузија, пренесе „EURACTIV.rs“.

 

20.06.2022 - 21:59

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега