Груевски: Фондот за иновации ќе им помогне на компаниите

Конституиран е Фондот за иновации и технолошки развој кој првпат го формира македонската Влада. Досега е составен и Управниот одбор кој назначи и директор на Фондот, а до крајот на годинава се очекува да биде донесен статутот и другите акти и Фондот да почне да работи од 1. јануари 2014 година.

Според премиерот Никола Груевски, овој Фонд ќе им помогне на иноваторите во земјава, од што директно зависи успехот на секоја држава зашто, како што рече, најкрупните компании се најмоќни и најнапредни зашто имаат иновации. Некои од нив, рече тој, токму потпирајќи се на новите идеи, иако почнале скромно, успеале да направат гиганти од компанија и светски брендови.

- Фондот ќе им помага на компаниите што имаат иновации кои може да се комерцијализираат. Фондот ќе биде финансиран од буџетот, но ќе има и надворешни средства. Имаме аранжман со Светската банка која изрази подготвеност да го поддржи работењето на фондот. Во првите три години ќе биде поддржан со осум милиони евра годишно, што во голем дел ќе оди како директна помош на компаниите кои ќе пријават иновации. Изборот на компаниите ќе го прави меѓународен борд, кој ќе ги прегледува, анализира сите поднесоци на сите кои сметаат дека имаат иновација и ќе оценува кој од нив заслужува и ќе добие поддршка од државата, изјави премиерот Груевски по пуштање во употреба ново основно училиште во Чаир.

Тој упати апел до сите во Македонија кои се чувствуваат креативни, доколку имаат иновација да сметаат на поддршка од државниот фонд кој, нагласи премиерот, е формиран за помош на македонските граѓани и компании.

- Да ги поддржиме кога ќе имаат идеја за иновација, да ја материјализираат и да ја комерцијализираат, а потоа од неа да се отворат нови работни места во Македонија и да се вработат невработени луѓе, што е и крајна цел на нашите економски политики, истакна премиерот Груевски.

21.11.2013 - 14:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега