Денеска започнува судењето на Мохамед Морси

 

Започнува денеска судскиот процес против Мохамед Морси, кој е обвинет за поттикнување на убиства на демонстранти, кои протестирале против неговото владеење. 

Морси, кој е првиот демократски избран шеф на државата во историјата на Египет, се наоѓа во притвор на тајно место, а денешното појавување пред суд ќе биде прво негово излегување во јавност откако е уапсен.

Морси и уште 14 лица ќе бидат судени за поттикнување на убиства на седуммина демонстранти, кои на 5 декември минатата година протестирале пред претседателската резиденција. Доколку бидат прогласени за виновни, тие можат да бидат осудени на смрт или на доживотен затвор.

Поранешниот египетски претседател веќе изјави дека овој судски процес го смета за незаконски.

Судските рочишта ќе се одржат под зајакнати мерки за безбедност во полициската академија, која се наоѓа веднаш до затворот „Тора“ во Каиро. Морси ќе биде транспортиран со хеликоптер до и од импровизираната судница.

Полицијата планира денеска да распореди 20.000 свои припадници низ улиците на Каиро. 

04.11.2013 - 09:16

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа