Вработените во МВР заминуваат да работат во странство - 1.000 полицајци се на неплатен одмор, уште 4.000 бараат одмор

Околу илјада редовно вработени полицајци во МВР моментно се на неплатен одмор, а уште 4.000 го побарале истото и чекаат одговор од надлежните, дознава „НетПрес“ од свои извори од министерството.

„НетПрес“ дознава дека најголем дел од полициските службеници ја користат законската можност да земат неплатен одмор и заминуваат да работат во Агенции за обезбедување во Германија, Австрија, Велика Британија, или во некоја од скандинавските земји, а добар дел од нив и засекогаш заминуваат од земјава заедно со семејствата.

Според неофицијални информации, во моментот околу 1.000 вработени во МВР имаат земено неплатен одмор и најголем дел од нив среќата си ја побарале токму во странските приватни Агенции за обезбедување, или нешто што е поврзано со овој тип на активност. Запрепастувачки е тоа што уште 4.000 лица од МВР чекаат на листата за одобрување, со оглед на тоа дека станува збор на важен профил на кадар, значаен за безбедноста на граѓаните и на државата.

Според извори на „Нетпрес“, на ваков чекор се одлучиле и восокообразовани кадри во МВР, па дури и на ниво на началници, кои немаат ниски плати според македонскиот стандард.

Според некои проценки, Германија има потреба од околу 10.000 работници во сегментот на обезбедување. Нема некои посебни услови за вработување, потребно е кандидатот да има завршено срдено образование, а предност имаат лица кои работеле во безбедносни структури, како и дека кандидатот не бил казнуван.

Според македонските закони, вработено лице има право да побара неплатено отсуство поради лични причини или ако е избран или именуван за вршење некоја јавна функција, и за тој временскиот период не прима плата, за него не се плаќаат придонеси за задолжително социјално осигурување, а правата и обврските од работен однос му мируваат.

Неплатеното отсуство временски е ограничено, а ако вработениот користи неплатено отсуство од работа, работодавачот е должен да му издаде решение дека работникот користи неплатено отсуство, и да ја извести надлежната институција ‒ Агенцијата за вработување, а притоа работодавачот е должен да му го чува работното место.

Според податоци за МВР на страницата „Википедија“, во ова министерство работат 11.656 лица. Но, сите не се полициски службеници. Па, така бројките за оние кои се на неплатен одмор и оние кои го бараат моментно тоа се фрапантно големи во однос на бројот вработените.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

30.09.2019 - 11:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега