Груевски со порака до почесните конзули: Промовирајте ги инвестициските можности

Денеска премиерот Никола Груевски заедно со потпретседателот на Владата, Владимир Пешевски, министерот за надворешни работи, Никола Поповски, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски и министрите без ресор задолжени за привлекување на странски инвестиции Бил Павлевски и  Џери Наумоф, остварија средба со почесните конзули на Република Македонија во странство и ги информираа за можностите за започнување бизнис во Македонија.

-Владата е силно посветена на привлекување на инвестиции преку овозможување на поволни услови кои ќе овозможат развој и оплодување на добивката на инвеститорите и отворање на нови работни места, истакна пред почесните конзули премиерот Груевски.

Груевски на средбата ги истакна и можностите за инвестирање кои им стојат на располагање на инвеститорите  во отворените технолошки индустриски развојни зони кој на заинтересираните им нудат низа поволности како што се ослободување на данокот на добивка и данокот на доход во првите 10 години, даночно ослободување од реинвестирана добивка и ослободување од административни такси. Премиерот Груевски посочи дека  во зависност на инвестицијата Владата дава субвенција за уредување на земјиштето кое се дава под закуп под поволни услови за период до 99 години. Исто така претседателот на македонската Влада посочи и дека резултатите од овие политики се видливи, а показател за тоа е скокот од седум места кој го забележа Македонија во Извештајот за конкурентност на Светскиот економски форум. 

 

Премиерот Груевски испрати порака до почесните конзули да ги промовираат инвестициските можности на државата и да работат на зајакнување на политичките односи со државите каде престојуваат.

            Потпретседателот на Владата Владимир Пешевски во своето обраќање пред почесните конзули истакна дека Македонија располага со стабилна макроекономска политика, стабилна валута, низок степен на инфлација, како и низок државен долг. Истовремено Пешевски истакна дека Владата овозможи да се регистрира фирма за само еден ден, се направија реформи во катастарот со кој се олесни процесот на бизнис со недвижнини, се намалија и скратија голем број на процедури преку реализација на реформата административна гилотина со цел да се олесни водењето на бизнис.

 

 

09.10.2013 - 14:50

најчитано сега