Министерот Сарачини на работен состанок со амбасадорите на соседните земји

Македонскиот министер за економија, Ваљон Сарачини имаше работен појадок со амбасадорите на соседните земји Србија, Косово, Албанија, Грција и Бугарија.

За време на појадокот министерот укажал на неопходноста од почитување на принципите во рамки на ЦЕФТА и ја актуелизираше можноста и потребата од регионално економско здружување во настапите на трети пазари. 

- Искористувањето на сите расположливи можности за соработка во рамки на ЦЕФТА треба да е наш приоритет, но и да работиме во насока на изнаоѓање на сите можни начини за намалување на трошоците, олеснување и забрзување на меѓусебната соработка. Неопходно е и создавање регионални брендови и балканска берза, зголемување на квалитетот и конкурентноста на сопствените производи во трговијата со трети земји, формирање фонд за економска помош на земјите што се соочуваат со финансиски проблеми,..., рече Сарачини. 

Дел од темите на кои беше разговарано на работниот појадок беа во насока на засилување на меѓусебната соработка на планот на туризмот и поттикнување на туристичката размена меѓу одделните земји, со акцент на создавање заедничка туристичка понуда, како и поголема заедничка промоција на регионот како дестинација на трети пазари.

Амбасадорот на Република Косово, Илбер Хиса, нагласи дека е потребен постојан диjалог меѓу Македонија и Косово за да се избегнат сите проблеми и пречки кои можат да се појават во трговските односи.

- Преку граничниот премин Блаце годишно во Македонија влегуваат 1,1 милион граѓани на Косово. Ние сме најголеми увозници на македонски производи, а 30 милиони евра годишно граѓаните од Косово трошат само за здравствени услуги во Македонија. Многу косовски семејства имаат роднини во Македонија. Воедно Косово е најзначаен пазар за Македонија, изјави Хиса.

Шефот на Канцеларијата за врски на Грција, Теоксарис Лалакос, рече дека неговата земја е еден од најголемите инвеститори во Македонија.

- Грција е еден од вашите најзначајни економски партнери. Многу грчки компании се наоѓаат во вашата земја. Ние сме еден од најголемите инвеститори овде. Убедени сме дека економската соработка многу ќе се продлабочи по решавањето на проблемот со името, изјави Лалакос.

08.10.2013 - 15:37

најчитано сега