Горан Стоименов: Гласањето за игри на среќа на црно, не носи гласови
Живееме во предизборие. Политичките партии го мерат секој потег низ призмата дали им носи или им одзема гласови. Генерално, но најмногу во политиката како професија важи непишаното правило „нема случајности“. Оттука, воопшто не беше случајно што на 27 ноември, како гром од ведро небо, после 14 часот експресно беа закажани четири Собраниски седници, за да почнат истиот ден во 15 часот. На дневен ред на една од нив се измените на Законот за игри на среќа со ЕУ знаме. Тема која долг период ја окупира јавноста. Симптоматично, за дискусија се јавија само три опозициски пратеници, гласањето беше одложено заради немање кворум.
Се очекува брзо да се закаже истата седница на која однапред ќе биде договорено гласање на законските измени во прво читање. За жал и покрај сите нашите добронамерни предупредувања и апели, очигледно е дека игрите на среќа станаа дел од предизборната кампања на политичките партии. Тоа не води кон заклучокот дека и судбината на предложените законски измени се дел од политички пазарења. Во оптек се неколку радикални предлози кои ги застапуваат различни политички актери. Едниот, веднаш да се забранат сите игри на среќа, другиот да се дислоцираат на три километри од урбаните средини, третиот да се одвиваат само во хотели со пет sвезди (инаку во Македонија нема ваков лиценциран хотел) и актуелните предложени законски измени кои предвидуваат дистанца на објектите на 500 метри од образовните институции. Заедничко за сите предлози е дека последицата е целосно затворање на легалните објекти за игри на среќа. Оправдувањето на критичарите е да ја заштитиме младината.
А погледнете ја иронијата. Додека партиите се натпреваруваат колку порадикален предлог ќе изнесат, убедени дека така печалат гласови, Владата преку Државна Лотарија ја промовира платформата “Мегавин” за организирање онлајн игри на среќа. Ова значи дека преку интернет, игрите на среќа стануваат достапни буквално на секој мобилен и статичен уред. Нема потреба да се оди до објектите доволно е од дома да се вклучите на платформата и да играте. Апсурдно е во вакви околности да се тврди дека дистанцирањето на легалните објекти за игри на среќа се воведува за да се заштитат учениците.
Се создава впечаток дека некое мнозинство пратеници се решени да ги донесат овие законски измени по секоја цена, без разлика на штетните последици. Притоа, воопшто не им грижа што сериозни забелешки за злоупотребата на ЕУ знамето упати и Евроамбасадорот Дејвид Гир и истите се нотирани во последниот Европски Извештај од Европската Комисија. Со игнорантскиот однос им порачуваат на 10 илјади вработени во секторот игри на среќа и нивните семејства што ќе останат без работа, да си резервираат билет во еден правец и егзистенцијата да си ја бараат со иселување во западните земји. Се покажува целосна неукост со бранењето на дистанцата од 500 метри на објектите за игри на среќа од образовните институции, бидејќи истата е неизводлива на терен и тоа неминовно ќе предизвика целосно затворање на економскиот сектор.
Тоа некое мнозинство пратеници треба да и објасни на јавноста зошто свесно и со умисла се откажува од 280 милиони евра годишни приходи во централниот Буџет од легалните игри на среќа. На пример, тоа е повеќе од 5 проценти од приходите планирани во предлог Буџетот за 2024 година. Пратениците кои се решени да ги гласаат овие противуставни и скандалозни законски измени отворено застануваат и даваат поддршка на игрите на среќа на црно, кои ќе се одвиваат во подруми, без контрола на државата, каде младината навистина ќе биде загрозена. Доволно е да се потсетат на аферата “Детонатор” од 2011 кога беа запленети 1500 покер апарати поставени на црно. И тоа на среден и долг рок ќе ги чини гласови. Ние како Асоцијација на приредувачи на игри на среќа сме сигурни дека тоа на што предупредуваме ќе се оствари. Не случајно во Албанија, тамошната Влада се откажа од четиригодишната забрана за игри на среќа заради отворање на диви играчници и удар врз нивната економија. Нема држава во која се спровеле радикални чекори за затворање на легалните објекти за игри на среќа кои по автоматизам не предизвикале отворање игри на црно.
Жалиме што сме доведени во состојба на крајна нужда. Баравме средби со Владата, Министерството за финансии, Комисијата за европски прашања, сметавме дека е нормално еден ваков сериозен економски сектор да биде слушнат и преку една конструктивна дебата да дојдеме до најдобрите решенија. За жал, малку општествени чинители не примија. Оние кои непосредно одлучуваат останаа глуви и неми на нашите пораки. Дилемата е кој ќе ја понесе одговорноста за тоа што следи. Тоа некое мнозинство пратеници не се свесни во што влегуваат и што реално ќе се случи после изгласувањето на овие законски измени. Погрешна им е политичката пресметка, гласањето за игри на црно, не носи гласови.
Бидејќи институциите немаат слух за забелешките на асоцијациите, здружението на вработени и апелот на сериозните странски инвеститори во секторот игри на среќа, тогаш ние немаме друг избор освен да се служиме со сите демократски форми на делување со кои ќе им покажеме на извршната и законодавната власт дека грешат. До крај ќе се бориме против законски решенија кои ќе предизвикаат силни општествени потреси и ќе креираат хаос во еден многу чувствителен економски сектор. Наша обврска е да ги заштитиме нашите вработени и нивното уставно загарантирано право на работен однос.
Горан Стоименов
Претставник на Асоцијацијата на приредувачи игри на среќа АПИС
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа