Експертите со различни ставови за потребата од уставни измени при евентуален договор за името

Интензивирањето на преговорите за спорот за името на површина како најтешки точки ги исфрли прашањето за промена на Уставот, што го бара грчката страна, и прашањето за опсегот на употреба на договореното име. Македонската страна, пак, инсистира на ставот дека е доволен меѓународен договор.

Во пресрет на очекуваната нова, втора средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, на маргините на Самитот ЕУ- Западен Балкан, што на 17 мај треба да се оджи во Софија, и договорената нова рунда преговори на министрите за надворешни работи на двете земји со медијаторот во спортот за името Метју Нимиц викендов во Атина, своите гледишта за тоа што е најцврста гаранција за договореното во интервјуа за МИА ги споделија професорите на Правниот факултет при УКИМ Тони Дескоски и Љубомир Фрчковски . 

Двајцата експерти се со различни ставови дали се потребни измени на Уставот на Република Македонија при евентуален договор во грчко-македонскиот спор за името.

Дескоски смета дека ваква крупна промена, каква што е менување на името на државата, било да е тоа само во меѓународните односи (билатерални и мултилатерални) или и во внатрешниот правен промет, мора да биде проследено со уставна измена.

- Во нашиот уставно-правен систем, меѓународните договори не се над Уставот, па согласно тоа, Уставот не може да се менува со меѓународен договор. Независно дали со конечниот договор меѓу двете земји ќе се предвиди промена само на меѓународното име на државата во Република Северна Македонија, или со таквиот договор нашата земја ќе се обврзе за промена на името во Република Северна Македонија и за внатрешна употреба, уставна измена мора да има. Мора да има уставна основа за утре нашиот премиер да настапи како премиер на Република Северна Македонија, или за со закон да се предвиди промена на образецот за пасошот, за на него да се стави новото име на државата. Разликата ќе биде единствено во содржината на уставниот амандман - дали во него ќе се предвиди дека новото име е за севкупна употреба или е само за меѓународна употреба. Обезбедувањето потребно мнозинство во Собранието за измена на Уставот  е домашна задача на нашата страна, не е на Грција, вели Дескоски. 

Фрчкоски, пак, за тоа што е најцврста гаранција на договореното - промена на Уставот или меѓународен договор, вели дека тука постојат две нивоа, односно прашањето може да се однесува на стручната расправа околу тоа што е најголема гаранција и на политичката - дали таа стручна расправа завршува работа или не, тоа е политичкиот спор.

- Од стручна смисла, меѓународниот договор е апсолутно доволна гаранција за секои права и обврски кои страните ги преземаат. Меѓутоа, тоа во овој случај не ја завршува работата, бидејќи Грција од различни причини кои, веројатно не се за нас разбирливи, инсистира и на промена на насловот на Уставот. Значи, не на уставни одредби, туку на насловот. Тогаш сте исправени пред ситуација да процените дали ќе продолжите со разговорите, дали ве интересираат, важни ви се или не. Во овој случај мислам дека можното решение, бидејќи за нас е важно да најдеме решение и да излеземе од ова, не смее да не повреди, но треба да биде решение кое не ги загрозува идентитетски прашања - јазик, идентитет, сувереност на државата, а истовремено го решава нашиот примарен проблем на интеграција во институции кои за нас се примарно важни, а тоа се НАТО и ЕУ, нагласува Фрчкоски.

Тој очекува работите да се одвиваат во насока на политичко решение кое би вклучувало меѓународен договор со вградена временска клаузула за уставна промена при влезот во ЕУ.

- Во таа смисла мислам дека ќе одиме кон политичко решение од следниот тип. Во меѓународниот договор ќе се вгради временска клаузула, по мое мислење, која ќе ги задоволи на некој начин и двете страни. Уставот нема веднаш да се менува, но при влез во ЕУ, а тоа е некаде во проценка 2025 година, кога и така Уставот на секоја земја се отвора во делот на меѓународните договори, важење на меѓународни договори, тоа е кај нас член 118, во тој момент кога нашиот Устав ќе биде на маса  во тој член веројатно ќе се внесе и новото меѓународно име како наслов на Уставот. Ништо друго не се менува, ни внатрешни, ни други прописи, закони, туку само насловот на Уставот.  Тоа на некој начин е седум години од сега, не се менува одма и тоа ќе ја задоволи нашата стана. Од друга страна таа промена ќе ја задоволи веројатно грчката страна. Мислам дека на таа линија ќе одат со решението и тоа е возможно во овој период. Јас сум во таа смисла реален оптимист, вели Фрчкоски.

Во интервјуата што МИА ќе ги објави утре и задутре, Дескоски и Фрчкоски говорат и за тоа дали се потребни гарантори на договорот и дали е можна нова промена на Уставот во иднина во услови на веќе спроведена промена на името. 

 

 

 

09.05.2018 - 15:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега